1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нобеловата награда за хемија за израелски научник

5 октомври 2011

Израелскиот научник Даниел Шехтман е овогодишниот носител на Нобеловата награда за хемија за откривањето на квазикристалите.

https://p.dw.com/p/12lwe
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Шехтман на 8 април 1982 година го откри кристалот ’во кој атомите биле составени во неповторлив модел’, што е спротивно на законите на природата. Тоа откритие, наречено квазикристали се поклопува со фасцинантните мозаици во арапскиот свет кои се репродуцирани во атомска низа-правилна форма која никогаш не се повторува“, се вели во соопштението на Нобеловиот комитет од Стокхолм.

Научникот од Израел пред речиси 30 години поради ова откритие мораше да ја напушти својата истражувачка група-откритието беше премногу револуционерно за 1982 година. Експертите дотогаш беа убедени дека атомите во кристалите се поредени во модел кој се повторува. Откритието на Шехтман кај хемичарите во основа ја промени претставата за цврстата материја, па научникот мораше да се спротистави на огорчениот отпор на научните кругови. По откритието на Шехтман, квазикристалите се произведуваат во лабораторија. Тие се користат во производството на пример на тенки игли за операции на очите и во сечилата за бричење. Во природата квазикристалите првпат беа откриени во 2009 година.

Шехтман е роден во 1941 година во Тел Авив и работи како професор во Израелскиот технолошки институт во Хаифа. Нобеловата награда за хемија ќе му биде врачена на церемонија во Стокхолм на 10 декември.

Автор: ЖА/ БГ/ дпа/ дапд/ бета

Редактор: Александра Трајковска