1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо не е договорено:за специјалниот обвинител-по 17 август

Катерина Блажевска31 јули 2015

Разговорите за специјалниот обвинител ќе продолжат по 17 август, а на денешната последна средба пред одморите, работната група повторно ќе се посвети на изборниот пакет.

https://p.dw.com/p/1G7mk
Фотографија: Fotolia/drizzd

Ништо не е договорено на вчерашната средба на работната група во однос на начинот на избор и овластувањата што треба да ги има новиот специјален обвинител, како и за пакетот законски измени кои треба да овоможат тој да биде избран до 15 септември и да има целосна автономија за да ја води истрагата за разговорите кои произлегуваат од следењето на комуникациите. На синоќешниот состанок на работната група, составена од претставници на четирите партии - потписнички на Договорот од 2 јуни, за првпат беше отворена темата за именување специјален обвинител, која е една од посуштинските обврски од Договорот. На средбата за првпат присуствуваше и претседателот на Меѓународната асоцијација на обвинители, Џејмс Хамилтон, кој беше и дел од тимот на Европската Комисија предвоен од Рајнхард Прибе, кој го подготви експертскиот извештај за Македонија.

Генерална презентација

Кој е Џејмс Хамилтон? Овој правен експерт со над 30-годишно искуство во системот на судството, обвинителството и антикорупцијата, кој повеќе од една деценија бил прв човек на ирското обвинителство, денес е член на Ирска во Венециската комисија, член на експертската антикорупциска комисија на ЕУ, експерт во ГРЕКО, а работи и како независен советник. Од него се очекува голема експертска помош во поставувањето на законската рамка која на македонскиот специјален обвинител ќе му гарантира автономна позиција и кадровски и финансиски ресурски за непречено функционирање.
„Хамилтон ги презентираше компаративни иксуства и конкретни предлози како би требало да функционира новиот специјален обвинител. Разговорите за тоа ќе ги продолжиме по 17 август. На денешната последна средба, (31.07. -н.з) повторно ќе разговараме за изборниот пакет“, кусо изјавија од работната група.

Symbolbild Justiz Gericht Gesetz
Фотографија: Fotolia/22 North Gallery

Но, веќе е извесно дека од специјалниот обвинител ќе се очекува да побара вештачење на снимките за да се види кој прислушувал, со каква опрема, преку кој мобилен оператор. За таа цел и во Извештајот на Прибе беше понудена конкретна сугестија: „Ефективната истрага може да побара одземање на датотеките и сите достапни архиви од УБК и телекомуникациските оператори и нивна споредба со издадените судски наредби. Онаму каде што е потребно, истражителите може да ја разгледаат можноста за меѓународна помош и експертиза, на пример, за поврат на избришаните датотеки“.

Поддршка за решавање на оваа прашање, најави и амбасадорот на ЕУ, Аиво Орав.

„Специјалниот обвинител со целосна автономија треба да биде назначен до 15 септември. Се надевам дека партиите ќе најдат решение самите, но ако има потреба, можеме да помогнеме повторно. Второ критично прашање е датумот 20 октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри. Најкритично е изгледа Министерството за внатрешни работи“, рече Орав.

Изборниот пакет во застој

Ако разговорите за специјалниот обвинител ја поминаа само првата општа рунда и не може да се очекуваат експресни решенија, разговорите за изборниот пакет и по неколку средби не мрднаа од мртва точка. Доколку денешното продолжение не донесе напредок, ќе следи мртов период, со оглед дека средбите на работната група ќе продолжат дури по 17 август, кога се враќа од одмор белгискиот експерт и досегашен медијатор во разговорите, Питер Ванхоуте.

Извесно е дека реформите предвидени со Договорот ќе бидат во постојана трка со договорените рокови за нивно завршување. Дипломатите повикуваат на ефикасна работа, но неофицијално потенцираат дека не може да се очекува напредок без искрена волја на партиите. До денес нема одговор на прашањата под чија надлежност ќе биде избирачкиот список, како ќе се утврдува неговата веродостојност, каков ќе биде составот на ДИК и дали и како ќе гласа дијаспората.

Präsidentschafts- und Parlamentswahlen in Mazedonien
Фотографија: MIA

Во меѓувреме гласот го кренаа помалите партии. Демократскиот сојуз, ДОМ, Алијанса за позитивна Македонија и ПДП, во официјално писмо упатено до амбасадорите на АУ, САД и ОБСЕ, бараат заедно со граѓанскиот сектор да бидат вклучени во преговорите за промена на изборното законодавство. Тие предлагаат Македонија да биде една изборна единица, бидејќи според нив, со сегашниот изборен модел, односно со поделбата на Македонија на 6 изборни единици, на секои избори се губат околу 100 илјади гласови освоени од помалите партии.

„Предлагаме распределбата на мандатите за пратеници во Собранието да биде соодветна на процентот на освоените гласови од гласачите, кандидатските листи да бидат отворени, како и да се обезбедат резервирани пратенички мандати за сите заедници врз основа на уставното начело за соодветна и правична застапеност на заедниците во државните органи”, се вели во писмото.

Од работната група не соопштуваат каков е ставот за ова прашање.

„Се‘ уште не сме стигнале до таа тема“, велат од таму.

Претставници, пак, на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) остварија средби со партиите-потписнички на Договорот од 2 јуни, како и со белгискиот експерт, со цел директно да бидат информирани за актуелните разговори околу начинот на кој дијаспората ќе учествува во изборните процеси.

Александар Митрески од ОМД изјави дека од претставници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ добил уверување дека партиите се залагаат дијаспората да има право да учествува во изборните процеси.