1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нитан: Политичката клима во Македонија е тотално затруена

Зоран Јордановски4 февруари 2015

За политичката клима одговорност пред се‘ носат политичките елити и покрај спорот околу името има уште низа други предизвици кои имаат потреба од конструктивна обработка и дијалог, оценува социјалдемократот Дитмар Нитан.

https://p.dw.com/p/1EVIa
Фотографија: privat

ДВ: Господине Нитан, како ја оценувате новонастанатата ситуација, откако владата ја обвини социјалдемокартската опозиција дека сакала да организира пуч?

Нитан: За мене ситуацијата досега не е многу прегледна за да можам да ја оценам. Расветлувањето на тешките обвиненија мора да уследи брзо, транспарентно и без вршење полтичко влијание. Она што го гледам и што многу ме вознемирува, е едно тотална затруеност на политичката клима. Ситуацијата сведочи за слом на политичкиот дијалог во Македонија. Така натамошно ќе биде поткопана довербата на населението во политиката. Тоа не може да е од интерес за носителите на политички решенија.

Како би можеле натаму да се одвиваат работите во Македонија?

Нитан: Политичките актери мораат да најдат пат за конструктивен меѓусебен однос. За тоа, на пример, сметам дека е безусловно неопходно опозицијата да се врати кон парламентарно дејствување. Парламентот е вистинското место за контрола на владата и за застапување на интересите на сопствените избирачи. При сето противништво, владата и опозицијата мораат меѓусебно да се респектираат во заеднички стремеж да ја унапредат Македонија.

Какво влијание можат да имаат најновите настани во Македонија врз аспирациите за членство на земјата во ЕУ?

Нитан: Последниот извештај за напредокот покажува дека Македонија повторно направи чекор натаму во поглед на прилагодувањето кон правото на ЕУ. Но, истовремено останува голема потребата од реформи. Вакви политички кризи ја парализираат земјата и ја отежнуваат работата врз она, што таа мора да го стори.

Гледате ли меѓузависност на постојаното влошување на политичкиот амбиент во Македонија и блокадата на приближувањето на земјата кон трансатлантските структури поради грчкото вето во бизарниот спор околу името на Македонија?

Нитан: Нерешениот спор околу името и со тоа поврзаната блокада на вклучувањето во меѓународните структури само по себе разбирливо придонесува за фрустрација на сите страни. Треба да се најде заедничко решение. Комесарот за проширување на ЕУ Хан вети дека сака ангажирано да му се посвети на решавањето на спорот. Но, за политичката клима во земјата во прв ред одговорност носат самите политички елити во Македонија и, покрај спорот околу името, има уште редица други предизвици, кои имаат потреба од конструктивна обработка и политички дијалог.

Германската влада си даде задача посилно да се ангажира за Западен Балкан. Што може таа конкретно да направи за Македонија, со оглед на актуелната ситуација?

Нитан: Расветлувањето на обвиненијата од премиерот Груевски против водачот на опозицијата Заев е задача на македонското обвинителство. Германија и ЕУ мораат и натаму да даваат поддршка кај неопходните реформи и веродостојно да сигнализираат дека европската интеграција на Западниот Балкан останува важна тема на нашата агенда.

Дитмар Нитан е пратеник на Социјалдемократската партија во германскиот парламент во три легислативни периоди. Тежиште на неговиот ангажман е европската политика.