1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Ние раскажуваме за животот“

Барбара Келен/ Жана Ацеска1 ноември 2014

Музејот на историјата на полските Евреи ја отвори долгоочекувана трајна поставка. Музејот во Варшава е полн со симболика и ја отсликува новата Полска и разноликоста на нејзиниот идентитет.

https://p.dw.com/p/1DdOG
Фотографија: AFP/Getty Images

Зградата на новиот музеј беше отворена уште во 2013 година. За разлика од бројните еврејски музејски установи во светот, овде во фокусот не се исклучиво страдањата и историјата на прогоните на Евреите, вели Јержи Халберцштат, еден од главните иницијатори на музејот, во разговор за Дојче веле.

Секој кој сака да дознае нешто за холокаустот, во Полска може да најде доволно автентични места, зашто тука се наоѓаат најголемите концентрациони логори кои ги подигнале нацистите за уништување на луѓето, како Аушвиц-Биркенау, Треблинка или Собибор.

Музеј на животот

Медиумите од цел свет уште пред отворањето на постојаната изложба со одушевување известуваа за уникатноста на Музејот на историјата на полските Евреи во варшавскиот кварт Муранов, некогаш најголемата еврејска населба во светот.

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ го цитираше Зигмунд Ролат, еден од првите поддржувачи на проектот, кој задоволно заклучи: „Ова не е музеј на холокаустот, ние веќе не сме жртви. Ова е музеј на животот“. Со тоа еврејскиот бизнисмен точно го формулира она, што на почетокот на 90-те години настана како идеја за полско-еврејски музеј, а подоцна беше разработено како концепт од меѓународен експертски тим.

„Сакавме да дадеме увид во вековното присуство на еврејскиот живот во Полска и во полско-еврејскиот соживот пред холокаустот“, објаснува Халберцштат. Намерата е исто така да се покаже: во последните години еврејскиот живот во денешна Полска повторно полека заживува и е силно присутен во јавноста.

Сето тоа е прикажано мултимедијално, преку реконструкции, интерактивни инсталации и видео-продукции во осум галерии на површина од 4300 квадратни метри. Најголемата галерија наречена „Погубување“ раскажува за холокаустот. Таму може да се стигне само преку т.н. „Еврејска улица“.

Museum der Geschichte der polnischen Juden in Warschau
Музејот на еврејската историја во Полска од надворФотографија: AFP/Getty Images

„Не ни беше намера да ја прикажеме само ужасната драма и незамисливото злосторство против човештвото, туку и исклучителната култура на уништеното општество. Редукција единствено на улогата на жртви би значела ограбување на идентитетот на сите генерации на нашите предци, зашто тие, како за време на војната, така и претходно, не беа исклучиво само жртви“, забележува Јержи Халберцштат, кој во Музејот на холокаустот во Вашингтон со години ја води полската програма.

Некогашниот развиен еврејски живот во Полска

Хронолошкото раскажување на илјадагодишната историја на полските Евреи во Варшавскиот музеј покажува дека без културата на полските Евреи не би постоела ни културата на Полска, ниту полски национален идентитет без еврејскиот идентитет. Музејот како „платформа за дијалог“ треба да го поттикне по повеќе години повторно обновениот еврејски живот во растечката еврејска заедница во Полска.

Jerzy Halbersztadt, Museum der Geschichte polnischer Juden
Јержи ХалберцштатФотографија: privat

До 1939 година во Полска живееле 3,5 милиони Евреи, а денес, според пописот од 2011, ги има околу 2.000. Некои други извори зборуваат за 8.000 до 12.000. До војната во Полска имало 996 еврејски комуни, денес се само 9, но повторно ќе ги има повеќе. По холокаустот згаснал еврејскиот живот во Полска, а по комунистичката хајка против Евреите од 1968 година, речиси целосно исчезнал од историските учебници и од колективната свест. Музејската трајна изложбена поставка за историјата на еврејскиот живот во Полска, која денеска (28.10.2014) е отворена во присуство на претседателите на Полска и Израел, Бронислав Коморовски и Ројвен Ривлин, треба повторно да го оживее загубениот свет. На тој начин се дејствува против одредени стереотипи и ирационални реакции, посебно кога станува збор за новиот антисемитизам по холокаустот.

n Warschau
Фотографија: AFP/Getty Images

Германски ангажман и помош

Од идејата до отворањето на долгоочекуваната постојана поставка во музејот поминаа над 20 години. Благодарение на истрајноста и решеноста на малкумина луѓе и нивните партнери од други еврејски музеи и научници од различни држави, како и донатори од цел свет, можно беше надминувањето на политичките и бирократските пречки. Германија обезбеди шест милиони евра, околу седум проценти од вкупните трошоци.

Халберцштат и неговите колеги во почетната тешка фаза добиле обемна поддршка од Германија од тогашниот претседател Роман Херцог и тогашниот министер за надворешни работи Јошка Фишер.

„Првите пари стигнаа од Фондацијата за германско-полска соработка и од Велика Британија, со нив можевме да ги платиме луѓето кои ја подготвија изложбата“, вели Халберцштат, до 2011 година директор на Музејот. Државни пари од Полска дошле дури подоцна. Со нив е финансирана зградата на Музејот. Новиот Музеј на историјата на полските Евреи ја отсликува новата Полска, вели Барбара Киршенблат-Гимбет, програмски директор на историската изложба - а тоа се однесува и на неодамна отворениот музеј на Солидарност во Гдањск. Двата музеја настаните во Полска ги ставаат во европски контекст. За весникот „Ди велт“, тоа е доказ за нараснатата самосвест на полската демократија.