1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нервоза во Белград и Приштина пред косовските избори

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски7 октомври 2013

Кетрин Ештон ги повика на итна средба во Брисел српскиот и косовскиот премиер Дачиќ и Тачи по новото заострување на односите меѓу двете земји. Изборите во Косово се нова причина за тензии во односите.

https://p.dw.com/p/19udu
Фотографија: picture-alliance/AP

Кога премиерот на Србија и Косово се сретнаа последен пат, на 8. септември во Брисел, планот беше во следниот период интензивно да се работи на организирање на локалните избори на Косово, а следната рунда од дијалогот да се одржи дури по 3. ноември. Тие избори, кои беа прецизирани со Бриселскиот договор, и на чие планирање работеа не само највисоките претставници на Србија, Косово и ЕУ, туку и цели тимови експерти, се покажаа како уште една пречка во српско-косовските односи. Самиот почеток на изборната кампања, односното забраната на косовските власти за српскиот премиер да влегува на Косово и да ги повика косовските Срби да излезат на изборите, предизвика ново затегнување на односите на релација Белград- Приштина, но и меѓу Белград и Брисел.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ ја обвини косовската страна за опструкција на Бриселскиот договор и предупреди на можно повлекување од дијалогот во кој посредува ЕУ.

„Нема да дозволам никој да ме понижува. Нека бараат некој друг за преговори. Се надевам дека ова нема да биде моетѕо последно заминување во Брисел на дијалог, но и ако биде така, нема многу да ми недостасува“, изјави Дачиќ по добиениот повик за „вонредна“ рунда разговори во Брисел.

Недоразбирање или забрана?

Покрај премиерот Дачиќ, и српскиот претседател Томислав Николиќ и првиот потпретседател на Владата, Александар Вучиќ планираа да го посетат Косово во следниот период. Официјален Белград очекува дека со помош на Брисел ќе успее да ја промени одлуката на косовските власти, или во спротивно, дополнително ќе решава дали да учествува на изборите, односно дали се тие легални под такви околности.

Kosovo Serben protestieren gegen Wahlen
Протести на косовските Срби против изборитеФотографија: picture-alliance/dpa

Од Приштина, во меѓувреме, доаѓаа противречни информации, почнувајќи од тоа дека е во прашање „недоразбирање“ и дека само на српскиот премиер му е забранет влез во Косово, до тоа дека забраната се однесува на сите „српски официјални претставници во текот на изборната кампања“.

Косовскиот заменик-министер за надворешни работи Петрит Селими вели дека се во прашање процедури кои Приштина ги спроведува од порано кога станува збор за српските претставници, но и додава дека нема да биде дозволено српски претставник „да држи партиски или политички говори на територија на соседна држава“.

Компромис од двете страни

Официјален Брисел се‘ уште не се изјаснил во врска со последните тензии. Шефицата на дипломатијата Кетрин Ештон, која во повеќе наврати ја истакнуваше неопходноста „за подобра организација и поголема излезност“ на изборите, веднаш ги повика двајцата премиери на работна вечера во Брисел. Изворите во Брисел наведуваат дека Ештон од двете страни ќе бара компромис и спуштање на тензиите со цел успех на изборите кои ЕУ ги окарактеризира како „пресвртница“ како на Косово така и во односите меѓу Белград и Приштина.

Специјалниот претставник на ЕУ на Косово, Самуел Жбогар оцени дека затегнувањето на односите меѓу Белград и Приштина е резултат на „нервозата на двете страни“. Жбогар смета дека одлуката за забрана на посетата на српските официјални лица на Косово во текот на изборната кампања е „претерана“ и дека може да се најде решение.