1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непомирливи позиции во Минск

Инго Мантојфел Превод А.Трајковска 27 август 2014

По средбата меѓу рускиот претседател Путин и украинскиот претседател Порошенко во Минск борбите ќе продолжат, смета Инго Мантојфел. Но, сепак има надеж.

https://p.dw.com/p/1D2DE
Фотографија: CHRISTOPHE ENA/AFP/Getty Images

Очекувањата од средбата во Минск меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Петро Порошенко не беа големи, и тоа не само поради тоа што борбите на југоистокот на Укриана добија на жестина во последните денови. И Русија натамошно го подгреа конфликтот. Земјата го испрати за Луганск наводниот конвој со помош без украинска дозвола. Руски војници-падобранци пак ја пречекорија границата кон Украина - наводно поради превид. Пред сѐ очекувањата беа толку мали бидејќи вооружениот конфликт се базира на дијаметрално спротивни гледишта на светот во Русија и во Украина.

Конфликтот се разгоре поради планираниот Договор за асоцијација меѓу Украина и Европската унија. Путин во Минск уште еднаш ги наведе можните економски загуби за Русија. Но, во основа е многу повеќе во игра: Речиси 25 години по распадот на Советскиот сојуз се работи за централните прашања во внатрешниот и надворешно политички предизвик во пост-советскиот простор. Затоа тоа всушност не е криза во Украина, туку досега најголемиот безбедносно-политички поредок во Европа во 21 век. Моменталната фундаментална неспоивост на трите различни перспективи на конфликтот, кои ги имаат Русија, Украина и ЕУ не дава надеж дека ќе дојде до брзо решение.

Борбите ќе продолжат

Затоа официјалните изјави по средбата во Минск треба да се земат со голема резерва. Наводната поддршка на Путин за најавениот мировен план за положување на оружјето на истокот на Украина на претседателот Порошенко не е ништо повеќе отколку дипломатска флоскула. Претседателот Путин само ја повтори досегашната позиција дека тоа било внатрешна работа на Украина. Таа би морала да започне директни преговори со сепаратистите. А тоа Киев го одбива. Фактички овој резултат значи дека досегашните борби ќе продолжат.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Притоа стратегијата на Украина, која со бомбардирање на Доњецк и Луганск сака воено да ги победи сепаратистите, е неодговорна и носи жртви меѓу цивилното население. Политичко и општествено помирување на истокот на Украина не може да се постигне со таква политика. Многу поважно би било, кога украинските владини трупи би можеле повторно да ја воспостават контролата на границата кон Русија, оти преку неа постојано стигнуваат оружје и други потреби за борците. ЕУ би требло да ја потсети владата во Киев на оваа цел и да ги поддржи мерките за подобрување на заштитата на границата. Дури и претседателот Путин се согласи на разговор по ова прашање. Оваа согласност треба итно да се испроба.

Надеж во спорот со гасот

Средбата во Минск сепак донесе и еден конкретен резултат: Разговорите за во јуни замрзнатиот спор околу гасот меѓу Русија и Украина треба да бидат обновени на 6. септември заедно со ЕУ комесарот за енергија Етингер. Ова е исправна одлука, бидејќи ако не биде постигната согласност до есента, тогаш се заканува уште еден фронт во оваа необјавена војна меѓу Русија и Украина. И последиците нема да ги чувствуваат само Украинците, туку прекини во снабдувањето со гас би предизвикале проблеми и во други европски земји.