1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Bundestag Mitspracherecht

26 октомври 2011

Толкава транспарентност околу преговарачките позиции на официјален Берлин спроти некој самит на ЕУ до сега била реткост. Дали тоа не ги отежнува позициите на канцеларката Ангела Меркел на преговорите во Брисел?

https://p.dw.com/p/12zTZ
Фотографија: dapd

Никој од ресорните колеги на канцеларката Ангела Меркел не мора да се подвргне на ваква процедура спроти самитот во Брисел. Таа имено е обврзана да побара поддршка од парламентот за обврските што треба да ги преземе на самитот.

Одлуката за тоа потекнува од парламентот, но таа пак дојде по барање на Уставниот суд на Германија. Тој имено по поднесената тужба од опозицијата одлучи дека пратениците мора да имаат право на соодлучување во „големата игра“ во Брисел, во која јавноста и избраните пратеници на народот се’ помалку имаа преглед и можност за влијание. Задачата за разгледување на плановите на владата во парламентарното секојдневие ќе ја преземе Одборот за буџетски прашања, но овој пат поради големината на одговорноста и сумите што се во игра, опозицијата во Берлин инсистираше дебатата да се води пред целата јавност во парламентарниот пленум.

Deutschland Bundesverfassungsgericht Karlsruhe Euro-Hilfen
Судиите на Уставниот суд во КарлсруеФотографија: dapd

Отворени карти

Така на големата бина на парламентот во Берлин владата мораше да појасни какви и’ се плановите за самитот во Брисел и посебно за тоа како има намера да ја зголеми ефикасноста на Фондот за спас на еврото ЕФСФ, а при тоа да не го зголеми товарот за даночните обврзници од веќе одобрените 211 милијарди евра. Тоа е голем успех за опозициските социјалдемократи и за Зелените.

Владата, имено, кусо инсистираше дебатата сепак да се води пред надлежниот Одбор за буџетски прашања, но наскоро се откажа од тоа. Експертите сметаат дека причина за ваквиот пресврт е стравот дека секој вид на тајност уште повеќе ќе ја зголеми скепсата кај граѓаните поврзана со акцијата за спас на еврото. Таа е и сосема разбрилива, бидејќи веќе година и половина пакетите за помош следат со голема брзина еден по друг и на сето тоа не му се гледа крајот. Со согласноста за јавна дебата во пленумот на парламентот и јавното гласање канцеларката им дава можност на партиите на опозицијата да ја критикуваат нејзината политика. Но, затоа по дебата преку јавното гласање и тие треба јавно да преземат одговорност за спасот на еврото.

NO FLASH Bundestag Debatte Euro-Rettungsschirm Schuldenkrise Europa Krise
Фотографија: dapd

Гласови од опозицијата

Канцеларката мораше да ја придобие опозицијата, бидејќи сметаше дека веројатно ќе и’ требаат нејзините гласови. Во редовите на нејзината коалиција имено последните денови се зголеми бројот критичари на актуелниот курс околу спасувањето на еврото и тие најавија дека ќе гласаат против предложените мерки. Но, и успехот на гласањето во парламентот не и’ дава одврзани раце на Меркел во преговорите со колегите од останатите членки на ЕУ. Бидејќи таа мора да се раководи од рамките што и’ ги одобриле пратениците. Тие на крајот на краиштата имаат законско право и да гласаат за она што било усвоено на самитот во Брисел!

Автор: Бернд Греслер / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска