1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема прием во ЕУ во наредните пет години

Марина Максимовиќ / Елизабета М. Фиданоска11 септември 2014

Во новиот состав на ЕК ќе има комесар задолжен за „преговори за проширување“. Тоа значи продолжувањето на процесот на евроинтеграции, но со јасна порака дека во наредните пет години нема да има прием на нови членки.

https://p.dw.com/p/1DAEQ
Фотографија: Reuters/Yves Herman

По многу нагаѓања и различни информации околу можно изоставање на проширувањето од листата на ресори на Европската комисија, Брисел на Западниот Балкан му испрати јасна порака - процесот на проширување продолжува, но не очекуваме нови членки во оваа декада. Токму тоа е начинот на којшто се толкува малата измена во описот на работното место на новиот комесар за соседска политика и, овојпат, преговори за проширување. Станува збор всушност само за потврда на она што новоизбраниот претседател на Комисијата, Жан-Клод Јункер го најави, а тоа е дека во својот петгодишен мандат „не очекува нови членки на ЕУ“.

„Процесот на проширување ќе продолжи. Јас новиот назив (преговори за проширување наместо проширување) би го протолкувала така што тој ќе вклучува и претпристапни процеси кои се во тек. Истовремено, европските институции очекуваат дека и високата претставничка (Федерика Могерини) ќе продолжи со учество во овој процес. Значи политичката порака е испратена со промената на името и јасно значи дека процесот на проширување ќе биде продолжен како и досега, но во светло на реалните проценки кои Јункер ги најави, зборувајќи за можностите за нови членки во наредните пет години“, изјави за Дојче веле директорката на програмата за Европа во бриселскиот „Центар за европска политика“, Роза Балфур.

„За земјите на Западен Балкан е важен фактот дека проширувањето и натаму е олицетворено во еден комесар“, оценува шефицата на преговарачкиот тим на Србија, Тања Мишчевиќ. „Додавањето на терминот ’за преговори за проширување’ особено ни одговара нам, затоа што става акцент токму на онаа фаза во која се наоѓаат Србија, Црна Гора и Турција. Се надевам дека некои колеги од земјите од Западен Балкан тоа нема да го сфатат негативно“, изјави Мишчевиќ за ДВ.

Serbien Tanja Miscevic Chefunterhändlerin für den EU-Beitritt
Тања МишчевиќФотографија: DW/M. M.

Истовремено, од амбасадата на Босна и Херцеговина при ЕУ порачуваат дека БиХ и натаму ќе се раководи од она што веќе е познато очекување од страна на ЕУ, а тоа е дека прв чекор е работа на исполнување на условите за поднесување барање за кандидатски статус. „Нашите преговори за пристапување, временски погледнато, не можат да почнат така брзо. Дали оваа нова формулација ќе значи повеќе иницијатива од страна на други институции на ЕУ кон нас или не, за тоа ќе можеме да разговараме потоа, кога ќе видиме каква ќе биде евентуалната нова пракса“, оцени амбасадорот на БиХ при ЕУ, Игор Давидовиќ.

Соработка на Могерини и Хан за напредок на Западен Балкан

Европските аналитичари се согласуваат со оценката на босанскиот амбасадор дека ЕК од Високата претставничка Могерини ќе очекува агажман, особено кога станува збор за БиХ и Косово, кои се‘ уште не се приближиле кон самиот чекор на преговори за проширување. И самиот Јункер најави дека канцеларијата на Високата претставничка ќе се врати во седиштето на ЕК и дека шефицата на европската дипломатија ќе биде повеќе присутна како потпретседател на ЕК. „Таа ќе биде одговорна за комесаријати, за политиката кон соседството и политиката на проширување“, најави Јункер.

Тоа значи дека Могерини во наредните пет години тесно ќе соработува со новоименуваниот комесар за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан. Могерини неодамна изјави дека „политиката на проширување е приоритет и обврска на ЕУ“. Хан, пак, за кого официјалните претставници од регионот на Западен Балкан имаат само зборови на пофалба за досегашната соработка (Хан во претходниот мандат беше комесар за регионална соработка) вели дека му е укажана чест што му е доделено толку важно место во ЕК и одговорна работа, каква што е политиката кон соседството и преговорите за проширување.

Johannes Hahn
Јоханес ХанФотографија: dapd

„Односите на ЕУ со соседите на исток и југ денес се поважни и попредизвикувачки од кога било досега. Очекувам блиска соработка со Високата претставничка Могерини. Политиката кон соседството му е блиска на моето срце. Тоа е природно продолжување на она што го работев како досегашен комесар за регионална политика. Тоа се однесува на градењето врски, помош за регионите да застанат на свои нозе, конкретни акции и промоција на безбедноста, просперитетот и европските вредности“, изјави Хан.

Од „Центарот за европска политика“ сепак нагласуваат дека во актуелната геостратешка ситуација би можело да се случи во работата на Хан ангажманот на решавање на кризни ситуации во европското соседство да надвладее над продолжувањето на веќе зацртаната политика на проширување.