Нема потреба од Ковид-сертификати при влез во С. Македонија
19 април 2022Првиот заменик на претседателот на македонската влада Артан Груби објави дека е усвоена препораката на Комисијата за заразни болести за укинување на обврската за поседување сертификат за вакцинација, сертификат за прележан Ковид-19, негативни ПЦР и антиген тестови за сите домашни и странски државјани при влез во државата. „Во врска со оваа одлука ја укинавме и мерката за домашна изолација на сопствен трошок во период од 7 дена при влез во државата без горенаведените документи“, напиша Груби на својот Фејсбук-профил.
Пред една недела беше укинато задолжителното носење маски во затворени простории во државата. Таа одлука не важи за болници, аптеки, јавен превоз, установите за згрижување на стари лица и лица со посебни потреби. Олабавувањето на Ковид-мерките, како што се образлага, е резултат на подобрената епидемиолошка состојба во земјата.
Според денеска објавените податоци од Министерството за здравство, во С. Македонија во последните 24 часа биле регистрирани 133 нови случаи на Ковид-19. Од почетокот на пандемијата се регистирани 308.752 инфицирани лица. Бројот на оздравени пациенти е 298.688, на починати - 9.263, а бројот на активни случаи изнесува 801, соопшти Министерството за здравство.