1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Kundus Klein

20 април 2010

Државното обвинителство во Карлсруе донесе одлука да не подигне обвинение против полковникот Георг Клајн поради наредбата за бомбардирање на две киднапирани цистерни на Бундесверот во Авганистан.

https://p.dw.com/p/N19b

Одлуката на обвинителството од Карлсруе во никој случај не е бланко-чек за војниците на Бундесверот вклучени во мисијата на НАТО за Авганистан да стрелаат без задршка. Но, таква опасност никогаш ни не постоела. Германските војници во ИСАФ мисијата повеќе тендираа кон воздржаност и тоа до таа мерка што мораа од време на време да слушаат критики од другите сојузници дека дејствуваат премногу нерешително.

Главен аргумент во одлуката на јавното обвинителство е фактот што наредбата на полковникот Клајн била донесена според информациите што нему во тој момент му стоеле на располагање. Не може никому да му се суди за нешто што од после се покажало како поинакво. Од таа гледна точка тој постапил одговорно како локален наредбодавец.

Авганистан не е „дивиот Запад“

Но, и по прекинувањето на истражната постапка против полковникот Клајн германските војници во Авганистан се обврзани да избегнуваат цивилни жртви, што е можно повеќе. Не смее никако да се создаде впечаток дека тие се однесуваат како на „дивиот Запад“, според мотото: прво пукам, па потоа прашувам што било! Таков став германската јавност и онака не би можела да прифати, без оглед на ваквиот исход на правната постапка против полковникот. Тоа впрочем во никој случај не е ни општиот став со кој војниците на Бундесверот ја извршуваат мисијата во рамките на ИСАФ силите.

Deutsche Welle Peter Stützle
Петер ШтицлеФотографија: DW

Расчистување на политичките консеквенции

Што се однесува, пак, до политичкиот дел, одлуката на јавниот обвинител од Карлсруе не ја прејудицира политичката оценка на бомбардирањето на цистерните во Кундус. Останува и понатаму спорно тоа што, како тогашниот, така и актуелниот министер за одбрана, Франц Јозеф Јунг и Карл Теодор цу Гутенберг, ги сменија јавните оценки за инцидентот со цистерните. Исто така остануваат отворени и прашањата за информативната политика меѓу разните нивоа како во воените, така и во политичките структури во Германија. Исто така останува понатаму и обвинението дека полковникот Клајн постапил спротивно од правилата на ИСАФ силите.

Дотолку повиците од редовите на владеачката партија за прекинување на работата на парламентарниот истражен одбор за инцидентот во Кундус се чинат прерани. Подобро е сега да се најдат одговори на сите отворени прашања, како од правна, така и од политичка гледна точка. Тоа ќе им помогне и на германските војници во Авганистан, бидејќи на тој начин се засилува довербата на авганистанското население во германските војници - а тоа е клучниот елемент за успех на целата мисија што веќе чинеше толку многу животи.

Автор на коментарот: Петер Штицле

Превод: Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска