Некултурни Французи, дволични Англичани, учтиви Јапонци
23 јули 2009Еднаш годишно туристичката онлајн фирма „Експедиа“ прави анкета на 4.500 хотелиери од целиот свет, кои треба да оценат кои им се најнепријатните гости. Основните критериуми за оцената се учтивост, ред и чистота, владеење на странски јазици, ведрина и бакшиш. Оваа мала типологија на националностите вади на виделина изненадувачки податоци: истражувањата покажуваат дека најнекултурните гости доаѓаат од La Grande Nation. Французите, кои се на последното место на скалата на туристи со добар имиџ, не даваат бакшиш, арогантни се и се однесуваат како на овој свет да нема друг јазик освен француски. Тие се однесуваат претпазливо кон локалните специјалитети, а за јадење со стапчиња не станува збор. Парадоксалното е, што францускиот турист не е омилен дури ни во сопствената земја.
Германците само нешто се жалат
Омилени гости за хотелиерите остануваат Јапонците – навистина учтиви, тивки, пријатни и без некакви поплаки. Само би можеле да бидат малку поведри. Англичаните пак, тешко можат да бидат класифицирани. Додека во Европа ги сметаат за неучтиви и непријатни, од другата страна на океанот ја покажуваат својата најсветла страна: симпатични, пријатни, љубезни.
Германците го заземаат солидното четврто место во класата на популарноста: пријатни, релативно тивки. Обично обожуваат да се жалат за време на патувањето. Освен тоа, Германците вложуваат напор да зборуваат странски јазици, дури иако човек не секогаш навистина може да ги разбере. Германските туристи „се издаваат“ само во однос на облекувањето (според кое се на претпоследното место) – сандалите кои ги носат со чорапи остануваат заштитен знак.
Автор: АА/АТ/дпв/дв
Редактор: Александра Трајковска