1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дијалогот меѓу Косово и Србија на мраз

Бахри Цани/ Ж.А.13 ноември 2015

Косовскиот Уставен суд привремено го суспендираше договорот со Србија за формирање на асоцијација на српски општини во Косово, постигнат со посредство на ЕУ. Односите меѓу Србија и Косово натамошно се влошија.

https://p.dw.com/p/1H58p
Фотографија: picture-alliance/dpa/Matthias Schrader

Дали е во прашање само временска коинциденција или сепак - одмаздничка реакција? Одлуката на косовскиот Уставен суд за проверка на договорот меѓу Србија и Косово, следеше само еден ден по неуспехот на Косово да стане член на УНЕСКО, Организацијата на ОН за култура. Србија, помогната од Русија, ги стави во погон сите дипломатски средства за да го спречи приемот на Косово во УНЕСКО, што косовскиот премиер Иса Мустафа го нарече „расистичка кампања“.

Веднаш контрираше српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ, според кого одлуката на Уставниот суд е „кршење на зборот“, „скандалозна“ и „тежок удар“ против дијалогот меѓу Белград и Приштина. Дачиќ во оваа одлука гледа „голема закана за регионалната стабилност“ на Балканот. „Дијалогот е бесмислен под вакви услови“, оцени српскиот министер.

Засега - без нормализација

„Преговорите меѓу Србија и Косово и онака се моментно ставени на мраз. Односите меѓу нив доживуваат ледено доба и атмосферата е подгреана“, истакнува Јохана Дајмел, експертот за Балкан од Друштвото за Југоисточна Европа, во разговор за Дојче веле. Дека одлуката на Уставниот суд ќе има „негативно влијание врз текот на преговорите на релација Белград - Приштина“ смета и Душан Рељиќ, раководител на бриселското претставништво на Фондацијата за наука и политика. „Но секако, од самиот почеток беше јасно дека преговорите меѓу Србија и Косово нема да одат ни брзо, ниту лесно“, вели Рељиќ во разговор за Дојче веле.

Serbien Verfassungsgericht in Kosovo
Косовскиот Уставен суд го става на испит Договорот со СрбијаФотографија: picture alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Со посредство на ЕУ, Србија и Косово во април 2013 година потпишаа Договор за нормализирање на односите. На 25 август 2015 година беше извршено натамошно прецизирање на спогодбата. Премиерите Иса Мустафа и Александар Вучиќ договорија формирање Асоцијација на девет општини со мнозинско српско население во Косово. Оваа Асоцијација на српското малцинство во Косово му гарантира извесна автономија во повеќе области. Највисокиот косовски суд сега треба да ја провери уставноста на постигнатиот договор.

Од страна управувано судство

Проверката на уставноста ја побара косовската претседателка Атифете Јахјага на крајот на октомври, откако опозицијата повеќе недели со употреба на солзавец и сила ги попречуваше седниците на парламентот. Од гледиште на опозицијата, Заедницата на српски општини би можела да води кон поделба на Косово. Конечната одлука на Уставниот суд се очекува дури во јануари 2016 година. Сепак, останува сомнежот за постоење желба за одмазда кон Србија, зашто судството во Косово не ужива добар глас. Тоа го констатираше и Европската Комисија во Извештајот за напредокот, објавен во вторникот: „Судството е подложно на политички влијанија“, се вели во документот.

„Епизодата со УНЕСКО е само врв од ледениот брег, зашто проблемите со реализацијата на Договорот меѓу Србија и Косово се многу постари“, вели Рељиќ. Од Брисел во средата изостана став околу судската постапка. Но, и двете страни се одговорни за спроведување на Договорот за нормализација на односите.

Belgien Treffen Isa Mustafa, Federica Mogherini und Aleksandar Vucic
Иса Мустафа, Федерика Могерини и Александар Вучиќ во Брисел, архиваФотографија: picture-alliance/AA/EU Council

Во 2008 година прогласената независност на Косово досега ја признаа 111 држави, вклучително 23 од 28 членки на ЕУ. Србија меѓутоа одлучно одбива признавање на Косово. Белград се надева уште оваа година да може да почне преговори за пристап кон ЕУ. Меѓу првите, би било отворено Поглавјето 35, кое предвидува нормализирање на односите со Косово. „Мора да дојде до нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, а крајно, Србија ќе мора да го признае Косово“, вели Дајмел. „Косово е самостојно и Србија мора да се помири со фактот.“

Признавањето - дури на крајот

Сепак, не е јасно кога Србија мора да ја донесе конечната одлука за признавање на Косово, зашто пристапните преговори со ЕУ можат да се одолговлечат со години. „Поглавјето 35, кое предвидува нормализирање на односите со Косово, ќе остане отворено цело време, до крајот на пристапните преговори“, предвидува Рељиќ.

Но, за двајцата експерти е недвојбено: принципот „морков и стап“ важи и за Србија и Косово. И Белград и Приштина покажаа - реагираат само на поттик и притисок. „ЕУ мора да врши пресија заради натамошно одвивање на дијалогот“, потенцира Дајмел. Истовремено, дополнува Рељиќ, ЕУ мора да понуди некакви стимули. Во нив, според Рељиќ, би спаѓало скорешното либерализирање на визниот режим за луѓето од Косово.