1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот - предворје на Европа

Зоран Јордановски13 октомври 2015

Бегалската криза може да ги наведе на соработка земјите од балканската бегалска рута. Над сите нив се надвиснува опасноста да бидат прогласени за предворје на Европа, вели бугарскиот социолог Рајчев во разговор за ДВ.

https://p.dw.com/p/1Gmiu
Фотографија: BGNES

ДВ: Каква е Вашата оцена за актуелниот миг во бугарско-македонските односи?

Рајчев: Можам да одговорам на две нивоа. Првото е, дали се случува нешто специјално во односите меѓу Бугарија и Македонија? Одговорот е: не, владее застој. И едните и другите настојуваат на своето. Тоа е можеби нормално во досегашното статус кво во светот. Но, на крајот на краиштата, големото решение на бугарско-македонското прашање е влегување на Македонија во ЕУ. Во таа смисла, колку и да се на моменти иритирачки изјавите од едната и од другата страна, кои ги предизвикуваат традиционалните конфликти, сето досега се случуваше во една спокојна рамка. Но, од пред неколку месеци ситуацијата се промени во врска со војната во Сирија и гигантската река бегалци која минува преку Балканот. На Балканот има една многу голема промена: повеќекратно нарасна улогата на Турција. Таа веќе не е држава која чука на вратата на ЕУ, а сомнително е дали ќе биде примена. Турција веќе е фактор кој ја штити Европа од слом. Таму во моментов има 2-3 милиона бегалци, во секој момент ќе пристигнат уште два милиона, така што отворањето на таа брана кон Европа би довело до... можам само да си претставам до што. Тоа ги промени нештата. Да почнам од таму дека турско-албанските односи по дефиниција се добри. Албанија е млада нација, со бујна крв, да не речам агресивна, - и од тоа може да има последици. Нешто друго е поопасно: четирите држави - Македонија, Бугарија, Србија и Романија да се покажат како предворје на Европа, да се каже: Да, тие се наши, но тука ќе има логори за бегалци, тука ќе ги вршиме проверките. Воопшто, да бидеме земји од втор ранг. Опасноста е реална, оти тоа е лесен исход. Напросто Европа ќе реши да има две тампон-зони: прво Турција, потоа овие четири земји - или дел од нив. Таквата ситуација треба да биде осознаена од четирите земји и тие треба да изработат принципиелно нова политика, како меѓу себе, така и во однос на Европа, со која ќе ја избегнат таа многу голема опасност. Зашто, ако таквата состојба се стабилизира на едно ниво, тоа може да продолжи со децении, да не речам и повеќе. И, ние сите да останеме за долго време предворје. И секое наше недорабирање, секоја наша меѓусебна злоба - на која и да било тема, а особено историска, само ја врти водата кон таа воденица. Во таа смисла четирите земји треба да најдат некаков излез. Не е лесно, оти тие имаат традиционално обременети односи. Но, ако продолжиме да се расправаме кој е Гоце Делчев и која е Мара Бунева, нема да стигнеме никаде. Сега е момент нашите дипломати да направат некакво чудо.

ДВ: Во македонската јавност предизвикаа иритации изјавите на бугарските европратеници, кои водат кон блокирање на членството на Македонија во ЕУ. Се добива вперчаток како да се создава бугарско-грчка оска за блокирање на евроатлантската интеграција на Македонија. Дали, според Вас, таа сосем нова ситуација, која произлезе од бегалската драма, ќе ги запре тие тенденции и ќе создаде простор за зближување на Македонија и Бугарија, притиснати од проблемите?

Рајчев: Тоа би била добрата варијанта. Има и лоша, при која балканските држави се разијдуваат, притиснати од проблемите, и започнуваат индивидуално да ги решаваат. Во некоја таква варијанта Бугарија може да изигрува „умрена лисица“, да се сокрие зад Грција, и всушност да ја поддржува нејзината позиција. Се разбира, Бугарија и не е во толку опасна положба, колку Македонија. Прво е поголема, второ веќе е во ЕУ и НАТО, и трето - ја нема таа албанска реалност. Мене ми се чини дека Македонија, освен што во моментов е раскинувана од конкретни скандали, ја има омразата на луѓето спрема елитата, која мене ми е позната. Се формира нестабилност и од таа гледна точка. Може сите партии да се на исто мнение, но луѓето ги мразат, ги сметаат за корумпирани, за лажговци и крадци - тоа е реалност, сурова реалност во Македонија.

ДВ: Но и насекаде на Балканот...

Рајчев: Насекаде, но во моментов таму особено изострено. На тоа треба да се додаде дека во моментов Македонија треба да осознае дека веќе не е во онаа споредбено гарантирана иднина, во која може и бавно да се врви. И, се плашам дека ќе треба да донесе и порадикални решенија. Јас како Бугарин не сакам да се мешам, но ако бев македонски политичар, веднаш би настојувал на федеративен модел, за да го зачувам она што може да се зачува, оти опасноста е голема. Но, тоа е мое лично мислење, кое на никаков начин не е поврзано со каква и да било бугарска политика.

ДВ: Дали во недовербата во политичкиот естаблишмент и во партиите поради корупцијата - како во Македонија, така и во Бугарија - гледате шанса граѓанското општество да ги надмине различните историски позиции, кои никогаш не им носеле добро на двете страни? Дали можат да се вратат кон реалноста, кон задничките интереси, кон некаква поблиска соработка - што е и еден од условите за Македонија некој ден да влезе во ЕУ и НАТО?

Рајчев: Да, така е... Но, Бугарија има многу искуство со омразата кон елитите. Во 90-те години на минатиот век Бугарија имаше две партии, соодветно на вашите - биполарен модел. Кон него постепено се натрупуваше недоверба и омраза, но тој не доживеа неуспех со некаква победа на граѓанското општество, туку пропадна со појавата на друг вид политичари - прво Симеон, сега Бојко Борисов. Тие политичари се реакција на „повиканиот одмаздник“ наспроти „лошата елита“. Но, практиката покажува дека и самите тие се елита и пак боледуваат од истите болести. Во таа смисла не верувам во приказната дека двете граѓански општества преку границата ќе можат нешто заеднички да сторат.

Ќе повторам: колку побргу ќе ја осознаеме новата состојба, колку побргу ќе разбереме дека таа е опасна за сите нас истовремено и дека Европа, особено десните во Европа, можат да не прогласат за предворје, да кажат „тоа не е вистинска Европа“ и да направат втора Турција за амортизирање на притисокот, толку побргу ќе ги најдеме политичките форми во кои навистина ќе ги заборавиме глупавите спорови што ги водиме и ќе започнеме да си го гледаме заедничкиот интерес.

Андреј Рајчев е познат социолог и публицист од Бугарија, соработник на Институтот за социолошки истражувања „Иван Хаџиски“ од Софија.

Со Рајчев, при неговата посета на ДВ, разговараше Зоран Јордановски.