1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Неизвесност на главното собрание на Фолксваген

Хенрик Беме / З. Јордановски22 јуни 2016

Во Хановер на средба акционерите на автоконцернот Фолксваген, кој поради скандалот со манипулирани издувни гасови е во најдлабока криза досега. Расветлување не може да се очекува, но секако ќе има многу критика.

https://p.dw.com/p/1JA4v
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul [M]

Колку бргу се менуваат времињата! Пред нешто повеќе од една година, лани на 5. мај, видливо самоуверен, шефот на концернот Мартин Винтеркорн тврдеше пред акционерите дека Фолксваген е „до корен здраво и добро поставено претпријатие”. Тој штотуку ја доби интерната битка против патријархот на фирмата Фердинанд Пиех, кој сакаше да го протера Винтеркорн од челната функција. „Зад нас останаа, претпазливо кажано, турбулентни времиња”, им рече Винтеркорн на акционерите.

Но, шефот на Управниот одбор (УО) тогаш не насетуваше (или можеби сепак да?) дека вистински турбулентните денови допрва му претстојат нему и на претпријатието. Пет месеци подоцна изби скандалот со манипулирани вредности на издувните гасови на дизел-моторите и Винтеркорн мораше да си оди од функцијата. Најголемиот европски производител на автомобили, веќе начнат од интерната борба за превласт, дефинитивно западна во криза, најтешка во 80-годишната своја историја. Последиците се познати: со скандалот се опфатени 11 милиони автомобили ширум светот, рекордна финансиска загуба, загубена доверба кај купувачите, претстојат казни од милијарди евра.

Нова стратегија, многу прашања

Концернот пред неколку дена ја претстави новата стратегија до 2025. година, која се базира првенствено врз дигитализација и електрификација, како и врз нова структура и култура во претпријатието. Но, акционерите кои в среда (22.06.2016) ќе дојдат во Хановер, тоа веројатно нема многу да ги интересира. Тие имаат едно чудо прашања: Како дојде до скандалот? Кој е одговорен за тоа? Знаеше ли раководството? Зошто толку бавно напредува расветлувањето? Зошто нормалните акционери и натаму немаат никаква шанса против семејните кланови Порше и Пиех, кои се мнозински сопственици на претпријатието? Дали Ханс Петер Печ, кој 10 години како член на УО надлежен за финансиите беше најблизок човек од доверба на Мартин Винтеркорн, е вистинскиот човек за челната функција во Надзорниот одбор (НО)? Како е можно членовите на УО да си стават в џеб милиони евра како бонуси кога претпријатието се наоѓа во толку длабока криза?

Deutschland VW Abgas-Skandal Symbolbild
Поради скандалот со манипулирани издувни гасови Фолксваген е во најдлабока криза досегаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Жена во Надзорниот одбор

Фолксваген има необична сопственичка структура. Речиси 90 проценти од таканаречените акции со право на глас (значи оние кои воопшто за нешто можат да гласаат на главното собрание) се наоѓаат во рацете на тројца главни акционери: Порше автомобил холдинг (зад кој стојат семејствата Порше и Пиех) со 52,2 процента, потоа сојузната покраина Долна Саксонија со 20 проценти и емиратот Катар со17 проценти. И сите тие мораа да претрпат тешки загуби поради големиот пад на курсот предзвикан од кризата. Се чини дека барем Катар е подготвен да се откаже од воздржаност. Занимлив спореден момент е дека Катар за прв ат делегира жена во Надзорниот одбор - Хеса Ал-Џабер, која е инженер по струка. Заедно со другите две жени кои се од порано во НО, Фолксваген ќе ја исполни важечката квота за застапеност на жени во раководните органи.

Ќе биде бурно на Главното собрание

Ова можеби заслужува една мала пофалба, но критички тонови ќе надвладеат. Крис Хон, познат како агресивен инвеститор, шеф на британскиот хеџ-фонд ТЦИ, кој според сопствени наводи располага со два процента од акциите, неодамна во писмо до УО и НО изнесе тешки обвиненија против менаџментот на Фолксваген, првенствено поради исплатата на бонуси во износ од 400 милиони евра. Но, проблем на ТЦИ е дека неговите акции не се со право на глас и на хеџ-фондот му е потребна помош од други. Затоа раководството на Фолксваген уште може релаксирано да реагира на писмото од Хон. Но ако ТЦИ успее да го сврти на своја страна на пример големиот акционер Катар, релаксираноста ќе ја снема за миг.

Deutschland VW-Affäre Piëch und Winterkorn
Фердинанд Пиех и Мартин ВинтеркорнФотографија: picture-alliance/dpa/J. Stratenschulte

Се заканува и вонредна проверка

Значителна критика на менаџментот на Фолксваген упати и еден друг инвеститор. Ханс-Кристоф Хирт од Хермес ЕОС, инвестициски фонд и консалтинг за акционери од Лондон, пледира за нов почеток. Во едно интервју тој ги поддржа предлозите на други инвеститори за вонредна проверка, независно од истрагите што ги иницираше Фолксваген за расветлување на дизел-скандалот. Хирт е свесен дека на Главното собрание не може да се пробие со својот предлог со оглед на сопственичката структура на концернот, но по гласање во врса со неговиот предлог „ќе може да се обрати на суд и по тој пат да издејствува вонредна проверка”.

Вака или онака, акционерите не ќе можат во Хановер да очекуваат расветлување на скандалот. Од концернот и натаму не даваат никакви изјави за актуелната состојба во истрагите, постојано тврдејќи дека тоа би донело големи ризици се` додека не биде постигната спогодба во САД со властите и со муштериите. Освен тоа, надлежниот суд во Калифорнија штотуку го продолжи за една недела рокот кој првобитно истекуваше на ден пред Главното собрание. Во Хановер затоа нема да се случи да биде објавена некоја можеби и добра вест за акционерите.