1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Израел: Неизвесност до крај

Т.Кремер, А. Кох/ С.Недевски16 март 2015

Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху дозволи да се распадне неговата коалиција- од тактички причини. Меѓутоа, прашање е дали тој утре (17.03.) ќе успее да победи на предвремените парламентарни избори.

https://p.dw.com/p/1ErRQ
Фотографија: DW/T. Kraemer

Во гратчето Кирјат Гат, на југот на Израел, Мири Емкез на брзина лепи плакати од кои гледа опуштениот Бенјамин Нетанјаху. Дали треба да се каже оти оваа млада жена е страсен поддржувач на конзервативната партија Ликуд, чии што главен кандидат е Нетанјаху?

Таа не сака и не може да замисли некој друг како шеф на владата освен „Биби“- како што го викаат Израелците. „Многумина велат дека им е доста од него. Луѓето се кусо памтење и забораваат оти е тука мирно- откако е тој на власт“, вели младата жена и додава: „Нема повеќе страшни атентати... Се’ што сакам за себе и за својата ќерка е безбедност!“

Адутот на Нетанјаху: безбедносната политика

USA Washington Rede Benjamin Netanjahu Kongress
„Биби“- Бенјамин НетанјахуФотографија: Getty Images/A. Wong

Безбедноста е тежиштето на Нетанјаху и на овие избори. Тој неуморно предупредува од договор со Иран, а во врска со нуклеарната програма на оваа земја, за која Западот преговара во моментов. Тој подгрева страв од Хамас, Хезболах и од терористите на т.н. Исламска држава. Пораката е јасна и гласи: само Бенјамин Нетанјаху може да го заштити Израел од надворешни опасности.

„Секогаш само безбедност- но таа и онака не е во наши раце“, вели Нир Крамер, 37- годишник кој се ангажира за „Ционистичката унија“ која ги собира заедно политичкиот центар и левицата. „за нас се поважни економските и социјалните теми“, вели тој.

Израелците се жалат на скапотија

Факт е дека се’ повисоките кирии и трошоци за храна се главна тема на секојдневните дискусии на Израелците. Недамнешниот извештај на државниот контролор Јозеф Шапира, предизвика големо негодување. Имено, според тој извештај, во последните пет години кириите се зголемиле за 30 насто, а цените на становите за дури 55 проценти. Тоа средната класа повеќе не може да го издржи. И истражувачот на јавното мислење Рафи Смит вели дека овој пат на изборите главни теми се социјалната политика и економијата. „Тоа во Израел не беше случај на изборите во последните 40 години.“

Главните кандидати на „Ционистичка унија“ Ицак Херцог и Ципи Ливни поради тоа ветуваат дека, ако победат на изборите, ќе основаат посебен совет кој ќе им застане на патот на високите кирии. Освен тоа, тие сакаат повеќе да вложуваат во областите како што се социјална работа и образование. Тие двајца сакаат секои две години да се менуваат на премиерската функција.

Israel Zionistische Union verkündet Wahlprogramm
Јицак Херцох и Ципи Ливни, лидерите на „Ционистичката унија“Фотографија: Reuters/B. Ratner

Копнеж за промена

Ицак Херцог се претставува како човек близок на народот. Во последните недели постојано беше на пат, разговараше со луѓето, се трудеше да се профилира. Сепак, многумина за овој адвокат велат оти не е харизматичен. „Има многу луѓе кои не се задоволни од Нетанјаху, кои сакаат промена, но не гледаат како Херцог би можел да ја води земјата“, вели Тамир Шефер, политиколог од универзитетот во Ерусалим.

„Не можам да кажам кој ќе биде нареден премиер на Израел“, признава Рафи Смит . А ако некој треба да знае , тогаш е тоа тој. Неговиот институт редовно го испитува јавното мислење. Меѓутоа, овој пат, судејќи според анкетите, никој не е во значителна предност. Многу Израелци се’ уште не се одлучиле, а „Ционистичка унија“ има само малку повеќе симпатизери од Ликуд.