1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Тачи во Брисел

Plass, Christopher / Brüssel (HR)25 јануари 2008

Шпекулации за датумот за прогласување независност. ЕУ го убедува премиерот Хашим Тачи, кој е во посета на Брисел, да не прогласува еднострано независност на Косово додека да помине 2-от круг на претседателските избори

https://p.dw.com/p/CxPi
Хашим ТачиФотографија: AP Photo/Visar Kryeziu
Хашим Тачи во Брисел не спомна конкретен ден за прогласување независност на Косово, иако медиумите во покраината тврдат дека со ЕУ и САД одамна бил постигнат договор за терминот. Од бриселски кругови нема коментар за тоа. Самиот Тачи вчера само ја повтори стандардната формулација - само е прашање на денови додека тој го обелодени датумот, рече косовскиот премиер. Годината има 365 денови, прокоментира еден дипломат, за да укаже колку се релативни ваквите изјави.

Во текот на првиот ден од престојот во Брисел Хашим Тачи се состана со претставникот на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана, еврокомесарот за проширување на Унијата Оли Рен и со европратеници надлежни за Балканот. На сите нив им беше важно на гостинот да му ја пренесат пораката дека процесот кон независност на Косово мора да се одвива усогласено и контролирано, односно дека ЕУ очекува Тачи и косовскиот парламент да не го сторат тоа на своја рака.


Во Брисел се сигурни дека Тачи ќе ги почитува барањата на ЕУ


Европратеничката Дорис Пак, која одамна ги познава Косоварите, по средбата со Тачи изнесе уверување дека тој нема да постапува без согласност од ЕУ и САД. И Хавиер Солана искажа доверба во косовскиот премиер Во Брисел се верува дека косовските Албанци нема ништо да преземат пред вториот круг на претседателските избори во Србија на 3-ти февруари, за да не бидат дополнително засилени радикалните српски националисти, чиј кандидат Томислав Николиќ освои најмногу гласови во првиот изборен круг. ЕУ го преферира актуелниот српски претседател, умерениот Борис Тадиќ.

Во Брисел се смета за сигурно дека Хашим Тачи ќе го респектира тој возен ред. Шпекулативно се спомнува 6-ти февруари како термин за прогласување независност на Косово, но има и опции дека тоа ќе се случи дури во март. Министрите за надворешни работи на земјите на Унијата в понеделник ќе решаваат дали со Србија да биде потпишан Договор за стабилизација и асоцијација, што треба да биде поттик за проевропскиот претседателски кандидат Тадиќ.

Кристофер Плас