1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Недостиг од вакцини е секојдневие во аптеките

Анја Соколов (дпа)
24 април 2019

Додека во Германија жестоки се дискутира за задолжително вакцинирање, во аптеките често се случува да има недостиг од вакцини. Анализа на агенцијата ДПА по повод Европската недела на вакцинирање која почнува денеска.

https://p.dw.com/p/3HHNq
Impfstoffe zur Impfung gegen Masern und gegen Windpocken
Фотографија: Imago/photothek/U. Grabowsky

Оној кој сака да се вакцинира против морбили, тетанус или други болести, може да нема среќа и да му се случи потребната вакцина да ја нема во лекарската ординација и аптеките. Само во текот на изминатата година производителите пријавиле теснец во снабдувањето со 45 различни супстанции за вакцинирање, произлегува од податоците на институтот „Паул Ерлих“ (ПЕИ). Надлежните власти за вакцини и лекови од есента 2015 година водат своја статистика, со исклучок на вакцините против грип.

Во 33 случаи не можело да бидат доставени само определени големини на пакувања, односно на располагање имало само замена на одредени супстанции. Во 12 случаи меѓутоа не постоела ниту една друга алтернатива.

На аптеките проблемот им е познат. „Во основа снабдувањето е доволно, но за жал постојано се случува теснец и дупки во снабдувањето“, оценува Фриц Бекер, претседател на Германскиот сојуз на аптеки (ДАВ) пред денешниот почеток на Европската недела на вакцинирање.

Apotheke in Berlin, Regale mit freiverkäuflichen Arzneimitteln in der Drogerie DM
Аптекарите велат дека недостигот од вакцини е секојдневиеФотографија: DW/N.Jolkver

На списокот на ПЕИ на регистрирани проблеми со снабдување со вакцини за деца и возрасни досега има повеќе од 100 вакцини, меѓу кои и вакцини против дифтерија, тетанус, морбили, заушки, детска парализа, но и против хепатитис А и Б, колера, беснило...

„Недостигот од вакцини кај нас во меѓувреме е секојдневие“, вели аптекарка од Берлин, која сака да остане анонимна. Купувачите се гневни. „Со право. Тие отишле специјално на лекар за да ја подобрат заштитата и да се вакцинираат, а тоа не можат да го сторат“, вели оваа фармацевтка, а нејзина колешка од друга аптека во Берлин додава: „Ние складираме одредени вакцини затоа што постојано има проблеми во снабдувањето.“

Во 2017 година состојбата била уште полоша. Тогаш имало 57 информации за недостиг од вакцини, а во периодот од октомври 2015 до крајот на 2016 година - 70 вакви информации. Недостигот понекогаш траел дури и повеќе од три месеци.

Повеќе:

Зошто сипаниците се толку смртоносни и вакцинацијата толку важна?

Епидемијата на морбили ќе трае со месеци

Кампањите против вакцините го земаат данокот

На што се должи тоа? Портпаролката на ПЕИ, Сузане Штекер објаснува дека причините се различни. „Тие се движат од зголемена побарувачка, пред проблеми со производството сѐ до тоа некоја супстанција да ја нема подолго време и во тој период да се јави недостиг дури и од супстанцијата која е замена, затоа што одеднаш побарувачката по нејзе е поголема од вообичаено.“

Производството на вакцини е долготраен процес и не е можно за кратко време да се произведе дополнително големо количество. „Многу земји во развој и земји во забрзан подем во меѓувреме инвестираат во подобра здравствена заштита на своето население, вклучително и вакцинирањето. Затоа, побарувачката на вакцини ширум светот е зголемена“, објасува Анке Хелтен, менаџерка за односи со јавност на ГлаксоСмитКлајн, еден од најголемите производители на вакцини ширум светот.

Impfstoff gegen Ebola
Хелтен: Н е невообичаено да доаѓа до одлагање на производството на одредени вакциниФотографија: Reuters

Поради тоа, производителите ги прошируваат своите производствени капацитети, но тоа е инвестиција која трае повеќе години, вели Хелтен. Оттука не е невообичаено да доаѓа до одлагање на производството на одредени вакцини и да се јавуваат привремени проблеми при снабдувањето, потврдува таа.

На прашањето дали германското Министерство за здравство смета дека населението е доволно заштитено, нема одговор од еден од портпаролите на ова министерство. Меѓутоа, тој укажува дека во случај на недостиг навреме се даваат известувања за лекарите за тоа како треба да се постапи, а тие укажувања се објавуваат и на интернет страниците на институтот „Роберт Кох“ и на ПЕИ. Според портпаролот, причините за проблемите во снабдувањето се многукратни и не може да се отстранат само со законски мерки.