1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недозволиво е претседателот да не учествува на НАТО-самитот

Катерина Блажевска9 јули 2016

Иванов бара поддршка од САД за зачленувањето на Македонија во НАТО, а не оди таму каде што главните пораки ќе ги упати токму претседателот Обама, вели Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија

https://p.dw.com/p/1JLnG
Фотографија: DW/B. Riegert

Во пресрет на Самитот на НАТО во Варшава, покрај континуираните активности, Евро-Атлантскиот Совет на Македонија организираше серија активности и дебати за афирмација на евроатлантските вредности, како и за запознавање со придобивките од зачленувањето на Република Македонија во НАТО. Дел од нив беa „Seecure 2016“ - Mеѓународна конференција со учество на истакнати личности од политичката, академската и деловната сфера од земјата и регионот, како и шестата студентска симулација „НАТО во очите на Варшавскиот самит“, со учество на 50-тина студенти од сите универзитети во Македонија. Во рамите на „2BS“ - Форумот во Будва, Црна гора и годишното собрание на Atlantic Treaty Association (ATA) чија членка е македонската организација, беа реализирани средби со заменикот генерален секретар на НАТО, Александар Вершбо, со претседателот на АТА, Фабрицио Лучиоли, и други истакнати личности во структурите на НАТО. За значењето на Самитoт на НАТО во Варшава и за очекувањата на Македонија, зборува Исмет Рамадани, претседател на Евро-Атлантскиот Совет на Македонија.

ДВ: Каква важност има овој Самитот на НАТО и кои теми ќе го апсорбираат главното внимание?

Рамадани: Самитот на НАТО во Варшава има историска важност и симболика, бидејќи се одржува токму во градот каде во 1955 година беше потпишан Варшавскиот пакт, како пандан на западната воена алијанса на НАТО. Денес, 61 година потоа, сите земји од тој пакт освен Русија се земји-членки на НАТО. Се очекува доминантни теми на самиот да бидат односите помеѓу НАТО и Русија, посебно ако се земат предвид неколку околности кои придаваат особена важност на овие односи, како што се воената инвазија на Русија во Крим, директното мешање во суверенитетот на Украина и поддршка на тамошните проруски политички елити, зајакнувањето на воените капацитети на НАТО во балтичките земји, обновувањето на редовното функционирање на Советот НАТО - Русија, и т.н. Во фокусот и понатаму ќе остане соочувањето со безбедносните закани кон Алијансата, а кои денес се неконвенционални и не секогаш предвидливи, па оттука и потребата за добра координација и заеднички одговор кон нив, како што се борбата против тероризмот и сајбер-заканите. Тука мора да се наведе и барањето на САД до другите земји-членки за зголемување на нивните буџети за одбрана и безбедност, со тоа и директен придонес кон Алијансата, ако се земе предвид фактот дека околу 80 отсто од буџетот на НАТО се обезбедува токму од САД. Односите НАТО-Украина, НАТО-Грузија, мисиите во Авганистан, Либија, проширувањето како стратегиска определба и мигрантската криза како резултат на конфликтите во Сирија и Ирак, се темите кои исто така ќе бидат дел од агендата на Самитот. Ценејќи ги околностите во кои ќе се одвива Самитот на Варшава, неслучајно укажав на неговата историска важност.

ДВ: Политиката на НАТО на „отворени врати“ не е безусловна. Спорот за името со Грција долго време беше единствена пречка за членство на Македонија во Алијансата. Но, тој услов падна во сенка на политичката криза. Уште по заклучоците од ланскиот Самит во Велс стана јасно дека Македонија сега ќе треба да исполни и други услови. Гледате ли напредок на тој план од лани до денес?

Рамадани: НАТО е политичко-воена структура, формирана врз основа на демократски принципи и вредности и секако политиката на отворени врати била и останува за сите земји кои ќе ги исполнат критериумите и стандардите кои се бараат за членство во Алијансата. Се согласувам дека ако на Самитот на Букурешт во 2008 година единствена пречка за членство во НАТО ни беше спорот за името со Грција, на минатогодишниот Самит во Велс листата на пречки се прошири и кон прашања поврзани со нормалното функционирање на една држава- аспирант за членство во НАТО. Имено, точката 96 од Декларацијата на Велшкиот самит која се однесува на Македонија, укажа и на други проблеми во државата како што се владеењето на правото, политичкиот дијалог, слободата на медиумите, независното судство, функционалното мултиетничко општество базирано врз вредностите на Охридскиот рамковен договор, добрососедските односи, и т.н. За жал, од лани до денес не е постигнат никаков значителен прогрес околу прашањата на кои не` упати Алијансата. Напротив, имаше продлабочување на политичката криза и целосен застој во спроведување на реформите и исполнување на стандардите. Единственото добро нешто што вреди да се истакне - е постигнувањето на пржинскиот Договор, кој ги адресира и прашањата поврзани со заклучоците на НАТО од минатогодишниот самит. Но, и понатаму останува предизвик неговото доследно и целосно спроведување, со цел да се излезе од кризата и итно да се спроведат системски реформи кои ќе ја вратат Македонија на патот на евроатлантските интеграции.

Mazedonien Skopje Ismet Ramadani
Исмет РамаданиФотографија: DW/P. Stojanovski

ДВ: Претседателот Иванов нема да учествува на Самитот, поради игнорирање на пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и безбедносните предизвици во регионот. Од друга страна, во честитка до претседателот Обама изрази очекување за поддршка од САД „за одамна заслуженото полноправно членство на Македонија во НАТО“. Како го толкувате ова акцентирање на правдата од претседател, чија одлука за аболиција, според меѓународната заедница, го поткопа владеењето на првото во земјата и посветеноста кон темелните вредности на НАТО и ЕУ?

Рамадани: Сметам дека е инфантилна постапка и недозволив чекор одлуката на претседателот на државата да не учествува на Самитот на НАТО во Варшава, кадешто Македонија тежнее да стане членка. Ценејќи ги неговите постојани, а особено неодамнешни постапки во земјата, можеби и проценил дека не припаѓа во круг на лидери и државници кои меѓудругото разговараат за владеење на правото, демократски вредности, отворени општества. Ценам дека еден сериозен, авторитетен и одговорен претседател на држава максимално би ја искористил оваа прилика преку проактивен пристап да лобира, да се ангажира во изнаоѓање на алтернативи кои би довеле до решение околу проблемот со името во дијалог со светски лидери и пријателски земји, и со тоа да извлече корист и поддршка од структурите на НАТО за неговата земја и нејзините граѓани. Замислете, тој бара поддршка од претседателот на САД за зачленувањето на Македонија во НАТО, а не оди таму кадешто главната улога и главните пораки ќе ги упати токму претседателот Обама. Како впечаток од разговорите во дипломатските кругови во земјава и во Брисел, се очекува говорот на претседателот Обама да придонесе за зацврстување на самодовербата на земјите-членки на НАТО, особено на источноевропските земји, со тоа што ќе се нагласи значењето на НАТО како најголема и најсилна политичко-воена алијанса во светот. Меѓудругото, реално очекување е да стигне и поддршката за земјите-аспиранти за членство во НАТО.

ДВ: Лани во декември Црна Гора доби покана да пристапи во Алијансата. Имајќи предвид дека и таа не беше отпорна на политички кризи и на лабавата имплементација на стандардите, ја делите ли растечката перцепција дека за членство во НАТО се повеќе ќе одлучува географијата отколку реализацијата?

Рамадани: Политичкиот лидершип во Црна Гора континуирано беше амбициозен и одлучен во намерата да добие покана за членство во НАТО. Со ваквото постапување тие оставија позитивен впечаток и убедување кај структурите на НАТО дека тие немаат дилеми и алтернативи кога е во прашање членството на нивната земја во Алијансата. Тамошниот лидершип категорично се противеше на сите струи кои пропагираа негативност кон членувањето на Црна Гора во НАТО, особено манифестирана преку политичките сили со проруска ориентација на српската етничка заедница таму. На Русија и беше даден дециден одговор дека не може да се меша во внатрешните работи на Црна Гора и на прозападната ориентација на нејзините граѓани и тврдата определеност за членство во евро-атлантските организации. Тие успеаја во нивната стратегиска определба да ја донесат Црна Гора пред вратите на НАТО, но треба да се цени фактот дека освен географската положба, нивниот успех е и резултат на успешно реализирани реформи и постигнати стандарди кои се бараат за членство во НАТО. Особено е битно да се нагласи дека Црна Гора одигра одлично во еден сегмент, а тоа е политиката на добрососедство со соседните земји.

ДВ: Денес кога фокусот на НАТО се повеќе е насочен подалеку од земјите од Западен Балкан, и кога Македонија се оддалечува од НАТО - стандардите, може ли земјава да очекува од Самитот во Варшава нешто повеќе од неколку реда во заклучоците?

Рамадани: НАТО Алијансата денес е преокупирана со многу проблеми и предизвици кои претставуваат опасност по безбедноста на земјите-членки, но и воопшто за човештвото. Денес, ризикот доаѓа и од Исток и од Југ, па оттука и потребата за навремен и организиран пристап кои предизвиците. Факт е дека кризите во Сирија, Либија, Ирак, Авганистан и други жаришта од светски размери го оддалечуваат НАТО од нашите теми. Меѓутоа, треба да се надеваме дека сепак ќе не‘ има во заклучоците, во насока на охрабрување за итно решавање на политичката криза, спроведување на реформи во делот на веќе познатите теми на владеењето на правото, демократските капацитети, независното судство, слободата на медиумите, одржливите меѓуетнички односи, кои ќе и‘ гарантираат на Македонија стандарди за итеграција во НАТО, а комплементарно и во ЕУ. Сигурно и на овој Самит ќе биде позитивно оценет придонесот на Македонија во воените мисии на НАТО. Очекуваме дека преку министерот за одбрана кој ќе биде на Самитот ќе се создадат можности преку средби со неговите хомолози од земјите-членки на НАТО да се побара поддршка од дипломатските структури на НАТО за постигнување на компромис околу спорот за името, зошто да не и пофлексибилен пристап на Грција кон зачленувањето на Македонија во НАТО. Но, за жал, сметам дека и оваа година ќе останеме на маргините на еден НАТО-самит.