Криза во довербата го храни „монструмот“
5 јули 2014Дваесетина повредени полицајци, шест приведени демонстранти, искршени стакла на зградите од судската палата, оштетени излози на деловни објекти и запалени контејнери за смет, е видливиот биланс од вчерашните протести против пресудата за случајот „Монструм“, во кој шест лица беа осудени на доживотни затворски казни за петкратното убиство кај Смилковско Езеро, извршено пред две години. Со „невидливиот“ биланс засега се занимаваат само аналитичарите, а први со реакција се јавија „странците“.
Граѓаните да останат смирени и да се воздржат од насилство, повикаа вчера во заедничка изјава делегацијата на ЕУ, амбасадата на САД, и мисиите на ОБСЕ и на НАТО.
„Ги повикуваме граѓаните и лидерите на државата да се соединат и во дух на конструктивен дијалог да се осврнат кон прашањата кои ги поткопуваат заемното разбирање и меѓуетничките односи. Сите граѓани имаат право на протест и да ги изразуваат своите гледишта на мирен начин, но не и право да се вклучуваат во деструктивни и насилни акти. Додека секој меѓуетнички инцидент или обид за поттикнување нетолеранција претставува можност за политизирање или искористување на ситуацијата за лична или политичка корист, тоа исто така претставува можност за отворање дијалог и за зајакнување на врските меѓу различните заедници. Ова е можност за лидерите да застанат во име на интегрирана држава која целосно го почитува диверзитетот“, беше речено во заедничката изјава.
Етничка супремација
Според аналитичарите, вчерашните протести покажаа дека најголемата утврдена штета која не може да се изрази со бројки, е нарушената доверба на граѓаните во институциите, во меѓуетничките односи и во општата и заедничка перспектива.
„Проблемот не е во оние кои протестираат, ни во оние кои го бранат редот, бидејќи и едните и другите се едни против други - поради нечии несмасни одлуки“, вели аналитичарот Даут Даути.
„Проблемот е во довербата на граѓаните кон институциите, кон полицијата, судството, и секако, кон политиката. Таа недоверба би била многу побенигна кога би била резултат на искривена слика на состојбите, но не и ако е потхранета од конкретни потези на државни органи. На случајот 'Монструм' единствено името му е погодено, се друго е во магла! Тој почна и заврши со искривена визура: нема случај во Европа, освен можеби кај италијанските 'Црвени бригади', да се апсат жени за носење оружје, како што тоа се случи со масовните апсења по грозоморното убиство кај Смилковско Езеро. Ако тоа се случи, значи дека и другите преземени мерки се на тест на исправноста! Посебна приказна е завршниот збор на обвинителката, за кој напишав дека изгледаше како сценарио за холивудски филм, а така им изгледаше и на многу релевантни институции и личности кои јавно го искажаа својот став. Судскиот процес имаше сериозни празнини со доказите и сведоците, кои среде општите критики за судството, особено за неконзистентноста од случај до случај, создаваат дополнителна недоверба. Проблемот е што се создава атмосфера надополнетaи со една тенденција која е многу опасна - да се водат политики со цел за етничка супремација. Се виде и во други случаи дека во нашиот 'воздух' има премногу запалива материја. Кога дојде предупредување од ОБСЕ до главните лидери, некои видоа сомнителни пораки насочени против државата. Сега гледаме дека предупредувањето не било без основа“, вели Даути.
Амбасадорот Ралф Брет, шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, неодамна им испрати писмо на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, во кое меѓудругото се осврна и на судскиот процес за „Монструм“.
„Јасно ни е дека без оглед на исходот од судскиот процес, ќе има директно засегнати лица или делови од пошироката јавност, кои нема да се сложуваат со него, како и дека се можни протести или случаи на агресивност кон одредени лица. Избрзаната политичка квалификација на делото, како дело со верски мотиви, ги подгрева можните конфликти“, беше речено во писмото, со порака двајцата лидери „да направат напори ваквиот трагичен момент, да не стане извор на нови тензии“.
На јавноста не и познато дали Груевски и Ахмети направиле некакви напори во тој контекст, но дури и да направиле, очигледно тие не донеле успех. Тоа го покажаа вчерашните насилните протести на кои беше одговорено со шок-бомби, солзавец и големи полициски сили.
Напад на независното судство
Вчера, до доцните попладневни часови на работа беше обвинителката Гордана Гешковска, чии завршни зборови за случајот „Монструм“ беа причина невладината организација „Разбуди се“ да побара оценка за нејзината работа од Советот на обвинители, кој се уште не се изјаснил за тоа барање. Обвинителката видела многу протести пред судот, но вели дека не памети вакво насилство.
„Го вклучив телевизорот и видов некои снимки од протестот. Дефинитивно, ова е напад на судот како независна институција. Никој нема право да ги коментира судските одлуки, а камо ли вака да се однесува. Секој има право на протест, но вакво насилство не може да се одобри. Целта е преку ваков притисок осудените да не одговараат кривично. Ова е пресуда на првостепен суд. Осудените имаат право на жалба и на постапка пред повисоките судови. Тоа се чекорите што можат да се преземат. Преку насилство ништо не се решава“, вели обвинителката.
Гешковска е уверена дека ваквите настани нема да влијаат врз нејзината работа и дека лично се чувствува безбедно, не само поради службеното обезбедување што го има подолго време.
„Не се плашам. Јавна тајна е и дека имам обезбедување. Но и без тоа се чувствувам безбедно. Работам според законот и немаше да се занимавам со оваа работа ако се плашев“, децидна е обвинителката.
По проценка на безбедносните служби, таа доби службено обезбедување до завршувањето на судскиот процес „Пајажина“ (против Велија Рамковски, сопственикот на А1 телевизија други и управители на фирми на „Перо Наков“), а повторно и беше доделено со почетокот на процесот „Монструм“.
Безбедносни импликации
Нано Ружин, поранешен македонски амбасадор во НАТО, вели дека мора темелно да се анализираат сите причини и аспекти на вчерашното незадоволство, за да се превенираат безбедносни импликации за политичката и меѓуетничка стабилност во земјата.
„Изразувањето на граѓанско незадоволство е една од алатките на секоја демократија, составен дел на механизмот check and balance - контрола на власта од страна на граѓаните. Изрзеното незадоволство на албанската етничка заедница во Скопје може да се набљудува од најмалку три аспекта. Прво, како граѓанска непослушност на едноетничка основа против одлука на судската власт која е под непосрдена контрола на извршната власт, во која партиципира и најсилната политичка партија на Албанците - ДУИ. Второ, немирите беа инспирирани од неубедливите докази со кои беа донесени пресудите за 'Монструм'. Меѓу демонстрантите имаше и такви кои сметаа дека всушност зад целото досие бил јасно видлив реваншизмот на Македонците и православните врз Албанците и муслиманите. Трето, со овој настан не е исцрпено незадоволството на Албанците. Напротив, најавени се нови манифестации на незадоволството од функционирањето на институциите и од коалициската влада на ДУИ и ВМРО- ДПМНЕ“, вели Ружин.
Според него, овие параметри, претставуваат голема опомена на власта, иако државата е далеку од посериозна закана за дестабилизација.
„Но и во Тунис кога се самозапали младиот продавач на овошје, никој не помислуваше на поголема дестабилизација на државата, ниту дека ќе е случи 'туниска пролет'. Во Македонија два елемента се битни за проценка на политичко-безбедносната состојба: масовноста во изразувањето на незадоволството кое може да добие меѓуетнички, но и социјален карактер, и второ - решеноста на организаторите на протестите за натамошно изразување на незадоволството. Ако протестите се оддолжат до почетокот на есента, тоа може да претставува сериозна закана за мултиетничката стабилност на државата. Ако протестите изгубат во интензитет, тие ќе останат како една епизода, но и сериозна опомена“, вели Ружин.
Според Даути, осомничените сега треба да ги искористат сите правни лекови и процедури.
„Одговорноста на нашето судство е голема, па во еден ваков процес треба да ја докаже правичноста: но, не со тоа дали некој ќе го ослободи или ќе го казни по секоја цена, туку да докаже дека носи одлуки преку цврсти докази. Голем императив е да се откријат убијците на младите момчиња кај Смилковско Езеро, но уште поголем тоа да се постигне преку цврсти докази и сведоштва“, порачува Даути.
МВР соопшти дека ќе продолжи со идентификацијата на учесниците во насилните инциденти преку снимки од медиумите и од камерите на Министерството, и ќе ги преземе сите законски мерки против нив. Она што останува незавршено, е идентификацијата на проблемите во судството и почеток на сериозни реформи за нивно решавање.