1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не стивнуваат бурните реакции во Србија на изборот на Рамуш Харадинај за премиер на Косово

8 декември 2004
https://p.dw.com/p/Aczo
Харадинај по изборот
Харадинај по изборотФотографија: AP

Претседателот на Српското движење на отпорот Момчило Трајковиќ оцени дека разумно решение за Косово претствува моделот на “еврорегија, што вклучува концепт на децентрализација“ во склад со европските стандарди. Новиот модел што го изработија три српски партии наскоро ќе и биде претставен на јавноста, посочи Трајковиќ и додаде дека никакви поделби на Косово не можат да водат кон добро. Што се однесува до изборот на Рамуш Харадинај за косовски премиер, Трајковиќ изјави дека тоа е вистинска катастрофа и оцени дека таквиот чекор ќе води кон натамошно комплицирање на состојбата во покраината, како и кон уште поголемо оддалечување меѓу Белград и Приштина.

“Рамуш Харадинај е специфичен воен злосторник. Според нашите податоци тој лично извршил 67 убиства, наредил уште најмалку 267, а организирал и киднапирање на повеќе од 400 лица“ - посочува поранешниот спрски министер за правда, Владан Батиќ.

Ова е само една од бројните реакции на згрозување во Белград по именувањето на поранешниот командант на УЧК, бодибилдер и чувар на транспорти на пари, Рамуш Харадинај. “Тој не се воздржувал ни од силувања и животински измачувања на Србите“ - пишува весникот Политика, а и другите српски медиуми откриваат бројни детали од таков вид, повикувајќи се доверливи разузнавачки извори.

Огорчен е и раководителот на Координативниот одбор за Косово, Небојша Човиќ:

“За случајот Харадинај постојат околу 30.000 страници со разни документирани докази. Едноставно е неверојатно тоа што меѓународната заедница, што ОН дозволија таков човек да биде именуван за премиер на Косово.“

И навистина, шефот на УНМИК, Сорен Јесен Петерсен одби да стави вето на изборот на Харадинај. По парламентарните избори пред три години, тогашниот шеф на УНМИК, Михаел Штајнер, спречи премиер на косовската влада да стане другиот комендант на УЧК, Хашим Тачи. Петерсен овој пат одби на таков начин да се вмеша во демократските процеси.

Рамуш Харадинај официјално ги отфрла сите обвинувања за воени злостори и најави дека нема понатаму ни да се осврнува на ваквите обвинувања. Но, неговите приврзаници веќе стартуваа кампања, во која тврдат дека во една праведна војна за ослободување ни не може да има воени злостори. Аргументација што секако не ја прифаќа Хашкиот трибунал. Братот на Рамуш, Даут Харадинај, веќе беше осуден на пет години затвор во декември 2002 – и тој за воени злостори. Западните дипломати впрочем веќе со години го доведуваат кланот Харадинај во врска со шверц со оружје и рекетирање.

Според Небојша Човиќ сето покажува дека Западот има два аршина. Србите се лошите во регионот, а на Косово може таков специјалист за организиран криминал да стане дури и премиер. А на аргументацијата на дипломатите на ОН во Приштина дека апсење на Харадинај би довело до нови немири, Човиќ одговара:

“Како тогаш апсењето на многумина обвинети на подрачјето на Србија не доведе до дестабилизација во регионот?“

Дел од бурните реакции во Србија веројатно содржат и политичка калкулација, но исто така факт е дека изборот на Рамуш Харадинај за премиер е непотребна провокација на Приштина. Неговата партија впрочем освои само 9 од вкупно 120 места во парламентот.