1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најава за хаос во воздушниот сообраќај

17 февруари 2010

Идната недела на германските аеродроми се заканува хаос. По пропаднатите тарифни преговори, пилотите на најголемата германска авионска компанија Луфтханза ќе штрајкуваат од 22 до 25 февруари.

https://p.dw.com/p/M3mv
Фотографија: AP

На повикот треба да одговорат 4.500 капетани и копилоти во патничките и карго авионите, како и оние на фирмата сопственост на Луфтханза, Џерманвингс, како што соопшти денеска здружението „Кокпит“.

Штрајкот во Луфтханза ќе започне на полноќ в понеделник и се предвидува да трае до среда на полноќ. Со тоа на германскиот авиосообраќај му се заканува повеќедневен хаос, а ќе бидат погодени и други земји и континенти. Луфтханза го критикуваше штрајкот како неодмерен.

Пилотите бараат сигурни работни места

Причината за спорот со пилотите е пред се‘ гаранцијата на работните места, кои според синдикатот, концернот се‘ повеќе ги преместува во поефтините компании. Пилотите стравуваат дека многу работни места ќе бидат затворени, зашто Луфтханза во иднина се‘ повеќе дестинации отстапува на компаниите во нејзина сопственост во странство, каде нивото на платите е пониско и поповолно за концернот. Во овие компании спаѓаат и Свис, Острианерлајнс и Бритиш Мидланд. Пилотите беа подготвени да се откажат од зголемување на платите во замена за гаранции за задржување на работните места во Германија, но компанијата не покажа интерес за тоа.

Pilotenstreik?
Пилотите бараат сигурностФотографија: AP

Луфтханза, како и нејзините конкуренти, од почетокот на економската криза се бори со драстично намалување на приходите, меѓу другото и поради тоа што многу патници се одлучуваат за поефтини класи при летовите за разлика од порано. Штрајкот ќе биде веројатно еден од најголемите во историјата на компанијата. Во претходниот поголем прекин на работата во 2001 година концернот беше само делумно погоден.

Автор: ЖА/БГ/апн/афп/дпа

Редактор: Александра Трајковска