1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацистички сенки врз германската тајна служба

Марсел Фирстенау / Зоран Јордановски2 февруари 2015

Иницијатива за основање на германската тајна служба во 1950 година дојде од западните сојузници. Нивното влијание беше силно и контрадикторно. Тоа, според една студија, се однесува и на персоналот со нацистичко минато.

https://p.dw.com/p/1EUIC
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Немаме потреба ништо да разубавуваме“ - самоуверено рече Ханс-Георг Масен, претседател на Сојузната служба за заштита на уставот (СзУ), во врска со еден истражувачки проект инициран од Хајнц Фром, негов претходник на функцијата. Проектот го истражуваше нацистичкото минато на Службата во периодот од 1950 до 1975 година. Резултатите беа тема на симпозиум одржан деновиве во Берлин.

Михаел Вала, историчар, негира дека СзУ со седиште во Келн во првите години била „слепа“ во однос на десницата. „Можеби имала лесна мрежница на окото“, се шегуваше тој, алудирајќи на една многу распространета очна болест. Поглед врз бројките предизвикува сомневање во демократското убедување на персоналот. Околу 25 до 30 проценти од вработените биле членови на нацистичката партија НСДАП или на други организации на национал-социјалистите. Тоа е приближно соодветно на уделот и кај другите органи на власта или во Бундестагот во раниот период на државата во западниот дел на поделената Германија.

Во студената војна растеше стравот од комунизмот

Споредбено „минимален“ бил уделот на некогашни соработници на злосторнички организации како Гестапо (тајната државна полиција) или СС. Лица со такво бреме повеќе имало во Сојузната разузнавачка служба (БНД) или во Сојузната криминалистичка служба (БКА). Што можеле овие наоди да значат за духовната атмосфера и работната култура на Службата за заштита на уставот е во областа на толкувања и интерпретации, оценуваат истражувачите Константин Гочлерс и Михаел Вала. Тие самите резимираат дека немало препознатлива „кафена“ ориентација - со исклучок на Одделот 6, формиран во 1955 година, кој беше надлежен за контрашпионажа.

Ни моментот на формирање, ниту полето на дејствување не се случајни. Сојузна Република Германија беше најважниот европски столб во конфликтот Исток-Запад во се’ поледената Студена војна. Затоа тежиштето на дејствувањето беше во левиот политички спектар. Токму во тоа време, средината на 50-тите години, истече важноста на окупациониот статут на западните сојузници, а со тоа заврши и персоналната контрола врз СзУ. Тоа време на промена се исплатеше во буквална смисла на зборот за политички и морално сомнителните фигури. Вработени се многубројни нацисти, меѓу нив и 16-мина со минато во Гестапо или слично.

ЦИА е секогаш најдобро информирана

Најголемиот дел од нив уште во претходните години работеле за Службата како „слободни соработници“, често и на високи по ранг позиции. Сојузниците знаеле за тоа, но ги „затворале очите“. Старите искусни агенти-професионалци биле повеќе од добредојдени во борбата против комунистичкиот непријател на Истокот, дури и ако имале темно кафено минато. Односот кон старите нацисти, со многу обѕири, е во остар контраст со недовербата со која западните сили се однесувале во првите години спрема Службата за заштита на уставот. Историчарите од Бохум во текот на тригодишните истражувања најдоа докази дека на почетокот американската тајна служба ЦИА имала целосна контрола врз СзУ.

Hans-Georg Maaßen Bundesamt für Verfassungsschutz
Ханс-Георг Масен раководи со Службата за заштита на уставот од 2012 годинаФотографија: DW

Ханс-Георг Масен, кој од 2012 е на чело на Службата, е многу задоволен од резултатите на студијата. Секоја историја има „сива, црна и бела страна“ и нужно е соочување со тоа. За Масен важно е укажувањето дека историчарите можеле „целосно независно“ да истражуваат во архивите на неговата институција. Материјалот и натаму е јавно достапен, значи им стои на располагање и на други научници. Резултатите од оваа студија ќе бидат објавени наесен во форма на книга. Претседателот на СзУ има намера во неговата институција да ја користи студијата во рамките на обуката и доусовршувањето.

Масен мора да мисли на НСУ

Масен вели дека истражувачкиот проект во еден пункт му доаѓа како нешто „веќе видено“: во контекстот со Националсоцијалистичката илегала (НСУ). Групата откриена во 2011 година, на чиј товар одат 10 убиства, се радикализира пред очите на Покраинската служба за заштита на уставот во Тирингија. Таа институција настана „од ништо“ по сломот на Германската Демократска Република. Персоналот бил претежно неискусен. „Имавме работа со една дилетантска трупа“, е катастрофалната оцена на Масен во однос на изградбата на Службата за заштита на уставот во делот на поранешната Источна Германија по обединувањето.

На слично лош глас беше Сојузната служба на почетокот на 50-тите години. Успехот во оперативната област се чини дека дури им дава за право на одговорните - и покрај сите морални задршки. Кога Источна Германија доживеа слом во 1989, најголемиот дел од соработниците на Штази - тајната полиција на ГДР, се најдоа пред неизвесна иднина. Само добро упатените знаат дали и колкумина најдоа прибежиште кај СзУ. Веројатно биле малкумина - за тоа зборува долгогодишната систематска проверка за соработка со Штази, која се спроведува во јавните служби.