1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО расправа за безбедносната состојба во Европа

ЕМФ/дв/миа3 јуни 2014

Треба ли НАТО да го зголеми своето воено присуство во земјите членки од источна Европа поради украинската криза? Ова е прашањето што е во фокусот на средбата на министрите за одбрана на земјите на НАТО во Брисел.

https://p.dw.com/p/1CAvn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Министрите за одбрана на земјите членки на НАТО денеска (3.06) во Брисел разговараат за ситуацијата во Украина и последиците од конфликтот со Русија. Предмет на дискусија е, на пример, барањето на Полска за распоредување повеќе трупи на алијансата на нејзина територија, како демонстрација на сила. И државите на Балтикот бараат зголемување на силите на НАТО на своја територија.

Сепак, дипломатите сметаат дека сојузот нема да успее да постигне согласност за постојано стационирање на поголеми борбени трупи во новите земји членки како одговор на кризата во Украина. Наместо тоа, би можела да биде постигната согласност за повеќе маневри, ставање на располагање повеќе опрема и повеќе обука.

Минатиот месец врховниот воен командант на Алијансата, генерал Филип Бридлав, коментираше дека е можно НАТО да размисли за потребата за постојаното стационирање на свои единици во Источна Европа. Но, прашањето е деликатно, бидејќи Москва смета дека тоа ќе биде прекршување на договорот меѓу Русија и НАТО од 1997 година. Други држави членки на Северноатлантскиот пакт оценуваат дека мерката ќе биде прескапа и воено неоправдана. Постои и мислење дека место да стационира војска на Истокот, НАТО треба да ја зголеми својата способност за брза реакција во кризи.

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен пред денешната средба во Брисел ги повика земјите членки да го зголемат буџетот на алијансата. Се очекува, на средбата ова прашање да го постават САД. Русија, според Расмусен, во изминатите пет години ги зголемила своите инвестиции за десет проценти годишно, додека европските НАТО-земји ги имаат намалено своите издатоци за таа цел за цели 40 проценти како резултат на економската криза.