1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО – парламентарците заседаваат во Берлин

Силвера Падори26 мај 2008

До вторник (27.05.2008) германскиот Бундестаг е домаќин на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО, на која учествуваат околу 340 парламентарци од 23 земји членки на Алијансата, меѓу кои и од Македонија.

https://p.dw.com/p/E5vT
Фотографија: NATO

Вратите на Алијансата остануваат отворени: за земјите од Балканот и за Македонија. За оваа централна порака која се најде во извештајот од Букурешт се дискутираше и во Берлин. Во политичкиот комитет на Парламентарното собрание на НАТО за ова говореше и македонскиот пратеник Есад Рахиќ.

Што се подразбира под добрососедски односи?

Тој испрати критика на адреса на Грција за проблемот што го создаде околу името и нејзиното сфаќање на демократијата. Претставникот од Атина повтори дека земјата која тежнее кон НАТО не го исполнува основниот политички услов: добрососедските односи. За ова Рахиќ со коментар:

„Какви добососедски односи се кога не тераат да го смениме името? Кога работат против безбедноста и ги загрозуваат животите на патниците од авиоинот кој е вратен. А нели е НАТО безбедносен сисем? Ние мора да покажеме достоинство дека постоиме“, смета Рахиќ.

Тој одговара и на прашањето – дали и како парламентарното собрание на НАТО, со оглед што не носи обврзувачки заклучоци, може да влијае врз идното членство и позициите на Македонија во Алијансата: „Ние имавме извонредни препораки од Парламентарното собрание од заседанијата во Париз и Рејкјавик... Сметам дека може да се влијае зашто тука се мошне влијателни луѓе -поранешни премиери, министри и дури и претседатели. Сметам дека пред Букурешт не се изврши доволен притисок врз Грција поради изборите во САД и некои случувања во Македонија. По изборите очекувам дека новата Влада ќе ги продолжи разговорите кои не смее да ја минат црвената граница. Идентитетот си е идентитет и тука нема преговори по која било цена“.

Решението за името сепак услов за НАТО

Рахиќ тврди дека поголем број парламентарци се на страната на Македонија и дека и тие, но и ЕУ, се заморени од темата која е топ актуелност меѓу Македонија и Грција. Сепак НАТО парламентарците од Европа се држат до она што официјално е заклучено. Карл Ламерс, прв човек на германската делегација на Парламентарното собрание на Алијансата, на прашањето дали очекува до крајот на годината Македонија да добие покана за членство во Алијансата, одговара:

„ Ја гледам Македонија во НАТО, но тогаш кога ќе се реши проблемот со името. И двете страни мора да придонесат расправијата да се оконча. Сите инаку посакуваат оваа земја што поскоро да стане членка на НАТО зашто бараните предуслови се исполнети. Значи проблемот мора да се реши. Во НАТО го имаме принципот на едногласност и консензус за сите прашања, па и за ова. Сметам дека кога има желба, се наоѓа и пат...“

А за тој пат, како што вели Есад Рахиќ, на вакви собири како во Берлин може да се чујат многу нови детали кои допрва и ќе се официјализираат. Така, токму тука слушнал дека терминот во кој Македонија се очекува да ја добие поканата за НАТО ќе биде малку и пролонгиран:место до летово, шансата ќе биде дадена до наесен...