„НАТО нема намера да биде светски полицаец“
4 ноември 2005Виенскиот весник „Ди Пресе“ во написот под наслов „НАТО нема намера да биде светски полицаец“ на почетокот вели:
„Јап де Хоп Шефер е човек кој однапред планира. Може да се претпостави дека самитот на НАТО пролетта 2008-ма година ќе биде посветен на темата проширување, изјави генералниот секретар на Алијансата во четвртокот во Виена. Вратата на одбранбениот сојуз била отворена, на пример за Македонија и Албанија, или за Хрватска, Грузија и Украина. И за Србија и Босна исто така, кога осомничените за воени злосторства Радован Караџиќ и Ратко Младиќ еднаш ќе му бидат израчени на трибуналот на ОН во Хаг“.
За Алијансата и во иднина да остане релевантна и да држи чекор, Шефер вели дека таа мора да извлече пет стратегиски заклучоци:
„Веќе не е доволно да се реагира на заканите. НАТО мора активно да се ангажира за придушување на можните опасности...
За тоа е неопходен сеопфатен пристап, кој освен воени, ќе вклучува и развојнополитички и економски аспекти.
Поединечна држава или организација не се во состојба да излезат на крај со глобални безбедносно-политички опасни ситуации. Во иднина е неопходна ’институционална тимска работа‘...
Меѓународната заедница мора да има трпение за трајно да ги смири кризните жаришта...
Петто, стратегиската насоченост на Алијансата и нејзината кооперација со партнерите мора цврсто да е вкоренета во морални вредности како демократија, слобода и пазарно стопанство.
При сета глобална насоченост, НАТО сепак нема намера да биде светски полицаец. За тоа, според генералниот секретар, недостасуваат и финансиски средства, а понекогаш и заедничка волја...“ – се вели покрај другото во „Ди Пресе“.