НАТО министрите разговараат за Косово и за односите со Русија
5 декември 2007Реклама
Така вторите преговори за статусот на Косово завршија без успех и Тројката од ЕУ, САД и Русија треба да му поднесе извештај на генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, на 10. декември. Со оглед на најавената блокада во Советот за безбедност од страна на Русија, можно е прашањето на статусот да остане без одговор. Во таков случај косовските Албанци најавуваат еднострано прогласување независност.
За да спречи немири и евентуални нови напади на албанското мнозинско население над српското малцинство на Косово, НАТО има намера да ги засили силите на КФОР во покраината и со тоа да демонстрира сила и решителност. Што се однесува до продолжувањето на мисијата на КФОР силите, генералниот секретар на Алијансата Јап де Хоп Шефер неодамна изјави дека НАТО ќе остане таму се‘ додека е потребно. Секако се поставува и прашањето на легалната основа за таквото продолжување на мандатот по евентуалното прогласување независност. Од НАТО круговите во Брисел се дознава дека Алијансата има намера и понатаму да се потпира врз Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999-та година.
Чувствителното прашање дали Косово треба да се признае како нова суверена држава, нема да се најде на дневниот ред на министрите за надворешни работи денеска и утре во Брисел. Алијансата не се смета за надлежна да донесува одлуки од таков вид, а проблеми се јавуваат и поради фактот што членките на ЕУ се поделени по ова прашање.
Што се однесува до втората голема тема – односите со Русија, шефовите на дипломатиите од НАТО земјите ќе имаат прилика да разговарат со рускиот колега Сергеј Лавров. Од него тие сакаат да дознаат колку е сериозна заканата со откажувањето на Договорот за конвенционално оружје во Европа. Претседателот Путин неодамна и го потпиша указот со кој се откажува важноста на Договорот и тоа во ноќта меѓу 12. и 13. декември. Доколку тоа се случи, тогаш Русија и членките на НАТО нема повеќе взаемно да се известуваат за бројот и силината на конвенционалните сили во Европа. Русите исто така нема да допуштаат понатаму инспекции на нивните воени единици. Одредувањето горни граници за бројот на тенкови, авиони и артилериски орудија, како и взмаените инспекции беа договорени како мерки на доверба по завршувањето на студената војна.
Руската страна сепак остави мала подотворена врата: одлуката за откажување на Договорот ќе биде повлечена доколку земјите на НАТО го ратификуваат и го применуваат договорот, порача претседателот на Думата Гризлов. Вистина е дека Русија го ратификуваше договорот, додека САД и другите НАТО членки не го сторија тоа. Како оправдување за таквиот потег тие го наведуваа останувањето на руските сили во Грузија и Молдавија.
Реклама