НАТО испраќа авиони, бродови и војници во источните членки
16 април 2014Присуството на војска од другите земји членки на НАТО би требало да ја зајакне безбедносната гаранција на Алијансата за земјите од Источна Европа кои се дел од Алијансата. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен (на насловната фотографија) денеска (16.04) во Брисел изјави: „Доколку е неопходно, во наредните недели и месеци ќе следуваат и други мерки.“ Бродовите би требало да бидат распоредени во „Балтичкото море, источниот Медитеран и ако неопходно и на други места“, додаде Расмусен.
Плановите на НАТО за одбрана се „преработени и зајакнати“, рече генералниот секретар на алијансата. Во изјавата за медиумите тој не прецизираше колкав број војници ќе бидат испратени: „Ќе бидат доволно за да ја подобрат нашата подготвеност“, нагласи Расмусен.
На прашањето дали оваа одлука на НАТО ќе влијае на разговорите кои утре (17.04) треба да ги водат ЕУ, САД, Русија и Украина во Женева, Расмусен одговори дека НАТО ги презел воените чекори за кои верува дека се неопходни, додавајќи дека „политичкото решение е единствениот излез“.