1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО е поважно од ЕУ

26 март 2010

По посетата на генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во БиХ деновиве се разви дебата околу шансите за прием на земјата во Алијансата. Безбедноста за БиХ во моментов е позначајна од економијата.

https://p.dw.com/p/McBK
Фотографија: AP

За БиХ безбедноста уште долго ќе биде позначајна од економијата и затоа за оваа земја приемот во НАТО е далеку поважен од приемот во ЕУ, велат тамошни аналитичари. Но, дополнителен проблем за земјата е и противењето на Србија на нејзиното евентуално членство во Алијансата

Доколку сака да стане дел од Акциониот план за членство во НАТО, Босна и Херцеговина мора да го реши прашањето на воениот имот, да го уништи вишокот на вооружување и муниција, да го смени Изборниот закон во согласност со пресудата на Европскиот суд за човекови права и да донесе одлука за испраќање војници во Авганистан.

Членот на Уставно-правната комисија на парламентот на БиХ, Халид Гењац вели дека одлуката за евентуалното пристапување во Акциониот план, НАТО би можел да ја донесе на состанокот во Талин на 22 април.

„Во Талин е можен позитивен одговор и јас мислам дека би било логично низ Акциониот план да се бараат и тие реформи“, вели Гењац.

Членовите на државното Претседателство беа единствени во однос на испраќањето на војници во Авганистан, но конечната одлука изостана поради тоа што не може да се постигне договор околу тоа во кој контингент на НАТО ќе треба да одат војниците.

Таквата неодлучност беше изразена истовремено со изјавата на српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ кој оцени дека „не би било добро БиХ да влезе во НАТО“. Имајќи ги во предвид односите на Србите во регионот, изјавата на Јеремиќ претставува и некој вид обврска, вели политичкиот коментатор Властимир Мијовиќ.

Србија главен кочничар на БиХ

Vuk Jeremic Serbisch Außenminister
Српскиот министер за надворешни работи Вук ЈеремиќФотографија: AP

„Тоа го обврзува и членот на Претседателството Небојша Радмановиќ и ќе биде интересно да се види дали ќе биде кооперативен како досега и дали ќе покаже желба, БиХ навистина да се приклучи кон НАТО. Не сум сигурен дека тој докрај ќе го издржи притисокот од Белград кој има силно влијание врз политиката на Србите во Босна“.

Мијовиќ смета дека за земјата, членството во НАТО е поважно од членството во ЕУ, бидејќи за БиХ безбедноста е поважна од економијата.

„Кога Босна би станала членка на НАТО ние конечно би престанале да се плашиме меѓусебно. Затоа мислам дека приемот во НАТО може да има психолошко и политичко дејство, мотор кој би ја одвел БиХ и до ЕУ“, вели Мијовиќ.

Според него, големо влијание врз одлуката на министрите на НАТО би можела да има и националистичката реторика во земјата.

„Не е добро тоа што делегацијата на НАТО беше во земјава кога Милорад Додик ја иницираше приказната за т.н. „мирна поделба на Босна“. Тоа не беше добра порака за единството на БиХ, а видовме дека Расмусен инсистираше на тоа дека во НАТО сакаат да видат дека БиХ е единствена држава“.

Од условите кои во Сараево ги прецизираше првиот човек на НАТО, БиХ засега го исполнува само оној кој се однесува на уништувањето на вишокот оружје. Сите останатите прашања и натаму се отворени.

Автор: Самир Хусеиновиќ/ Борис Георгиевски

Редактор: Жана Ацеска