1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО го зголемува военото присуство во Источна Европа

ЕМФ/ард/афп5 септември 2014

НАТО извлече консеквенции од конфликтот во Украина - две и пол децении по крајот на Студената војна, Алијансата го зголемува своето воено присуство во Источна Европа.

https://p.dw.com/p/1D7nQ
Фотографија: Reuters

„Овој заклучок испраќа јасен сигнал - НАТО ги штити сите сојузници, во секое време“, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен денеска (5.09) на самитот во Велс. Како реакција на военото мешање на Русија во конфликтот во Украина, НАТО донесе одлука за нови сили за брза интервенција, како и Акционен план за Источна Европа, кој предвидува зголемено присуство на сојузот во тој регион. По партнерството, кое не беше лесно во изминатите години, ова значи пресврт во односите со Русија.

„Тоа е демонстрација на нашата солидарност и нашата решителност“, изјави Расмусен во Њупорт. Полска и балтичките држави се чувствуваат загрозени од постапките на Русија во Украина и од своите сојузници бараа недвосмислена поддршка, па дури и постојано присуство на трупи на НАТО во регионот.

Силите за брза интервенција, т.н. „Врв на копјето“, ќе бројат неколку илјади војници и би требало во случај на криза да бидат распоредени за само неколку дена во земјите на источната граница на НАТО. За таа цел, Алијансата ќе го зголеми бројот на своите бази и инфраструктурата во Источна Европа, ќе транспортира воен материјал и со постојани воени вежби ќе го зголеми военото присуство на лице место.

Сепак, Алијансата не ги урива сите мостови со Москва. И покрај тоа што некои земји членки бараа откажување на Основачкиот акт на Советот НАТО-Русија, тоа не е сторено. „Ставивме јасно до знаење дека се држиме до нашите договори, до безбедносната архитектура на Европа“, изјави германската канцеларка Ангела Меркел. Зашто, и покрај сите тензии, државите на НАТО се надеваат дека двете страни повторно ќе постигнат приближување.

NATO Gipfel in Wales 05.09.2014
Фотографија: Peter Macdiarmid - WPA Pool /Getty Images

Дводневниот самит на НАТО беше сосема во знакот на конфликтот со Русија. Вчера, Украина доби поддршка од НАТО во конфликтот против Русија на истокот на земјата. Засега само морална, затоа што Aлијансата исклучува каква било воена интервенција. Сојузниците ветија поддршка и помош и при модернизацијата на армијата на Украина.

Наредниот самит на НАТО, во 2016 година, ќе се одржи во Варшава и тоа не е случајно. Според изјавата на полскиот претседател Бронислав Коморовски, самитот ќе се одржи во Варшава, „каде што е создаден и соборен Варшавскиот пакт“.