1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Насилствата на Косово планирани и координирани? Реџепи: Се е можно, прерано е за шпекулации

18 март 2004
https://p.dw.com/p/AdGi
Во Косовска Митровица, Приштина и, колку што може да се дознае, во другите делови на Косово денеска претпладнето состојбата е мирна, но и натаму многу напната по вчерашните и ноќешните тешки меѓуетнички судири. Според косовскиот кризен штаб, формиран од покраинското Министерство за здравство, во последните 24 часа загинале најмалку 17, а повеќе од 600 лица се потешко и полесно ранети. Агенцијата Асошиетед прес зборува за 22 жртви во најтешките инцденти за последните речиси 5 години, откако Косово е протекторат на ОН. Меѓу повредените, според таа агенција, се и 40, а според најновите податоци дури 61 полицајци на ОН, 21 припадник на домашните сили за безбедност, како и 17 војници на мировните трупи на НАТО. За спречување натамошно насилство Кфор и полицијата на ОН денеска зазедоа нови стратегиски позиции.

Германската агенција ДПА, известувајќи за поводот за безредијата - давењето на две албански деца во водите на реката Ибар, наводно поради тоа што биле гонети од Срби и немале друг излез, ја пренесува изјавата на портпаролот на мисијата на ОН за Косово Дерик Чепел дадена за белградската агенција Бета, дека едно од четирите деца учесници на настанот им раскажало на родителите оти станувало збор за несреќа во која не биле вмешани Срби. Момчето и други три деца загазиле во реката, но биле зафатени од матицата. Тоа успеало да се спаси, две деца се удавија, а едното се води како исчезнато.

Веста за наводната вина на Србите предизвика гнев кај претежно млади Албанци во Косовска Митровица кои се впуштија кон северниот, српски дел на градот. На мостот меѓу двата дела се одвиваа пресметките. Потоа насилствата се проширија во целата покраина во деловите каде што живеат Срби, кои беа изложени на напади од Албанците.

Портпаролот на УНМИК Дерек Чепел во изјава за агенцијата ДПА како особено тешка ја опиша ситуацијата во Косово Поле и Чаглавица. За австриската државна телевизија ОРФ Чепел оцени дека било очигледно оти вчерашните насилства на Косово биле однапред планирани и координирани. Командантот на Кфор, германскиот генерал Холгер Камерхоф, ја одби понудата за соработка на Кфор со српските оружени сили за средување на состојбите. Министерот за одбрана на Србија и Црна Гора Борис Тадиќ рече дека единиците на војската се подготвени да учествуваат во заштитата на Србите на Косово со почитување на Резолуцијата 1244 и во договор со Кфор.

"Тоа не е ништо ново од Белград. Ништо добро не може да се очекува ни од новата тамошна коалициона влада. Кфор ќе се погрижи за безбедноста на Косово", прокоментира во интервју за албанската програма на Дојче Веле косовскиот премиер Бајрам Реџепи. Во однос на тоа, кој стои зад нападите и дали се тие можеби дел од планирано сценарио - дотолку повеќе што пред неколку денови заменикот генерален секретар на ОН за мировни мисии Жан-Мари Жиено по посетата на Косово искажа задоволство од безбедносната состојба, а веднаш потоа уследија нападите врз резиденцијата на претседателот Ибрахим Ругова, експлозии во Приштина и сега насилство против Србите во целата покраина, премиерот Реџепи вели: "Прерано е за шпекулации, се' е можно. Мора да се направат поподробни истражувања и анализи. Не само Жиено, туку ние сите бевме релативно задоволни со ситуацијата на Косово. Мислам дека инцидентите во Митровица и Чаглавица се само емоционални реакции и нема да се повторат. По прашањето за можни сценарија, велам дека е се' можно, но мора да се направат многу прецизни истраги".

Градоначалникот на фактички поделената Косовска Митровица, Фарук Спахија, за Дојче Веле изнесе ваква оцена на збиднувањатаи причините: "Сметам дека овој трагичен биланс, со сигурност еден од најтешките во последно време, е резултат на недоволната работа и настојувања на УНМИК, кој пропушти да етаблира своја апсолутна власт во целото Косово - и во регионите во кои сега има безредија. Ова е последна можност за УНМИК повторно да воспостави ред и да спречи различни групи или лица да го попречуваат патот на Косово во насока кон демократско општество".

Инаку, во болницата во Косовска Митровица претпладнево престојуваше претседателот на српскиот Координативен центар за Косово Небојша Човиќ, кој ги посети ранетите во судирите. Човиќ на Косово стигна уште во текот на ноќта, иако УНМИК не му гарантирал безбедност. Во текот на денов тој ќе разговара со претставниците на Србите "заради нивно подобро самоорганизирање".