1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наредните избори со две големи социјалдемократски партии – СПД и ЦДУ/ЦСУ

30 октомври 2007

За германските весници вчера и денеска доминантна тема е партискиот конгрес на германските социјалдемократи и промената на курсот на нивната политика, но и реакциите од конкурентскиот демохристијански табор исто така.

https://p.dw.com/p/BzBL
Курт Бек, претседател на СПДФотографија: AP

“Тагесшпигел”

од Берлин нагласува:

“Предизборната кампања на социјалдемократите добива контури, стратегијата станува појасна: СПД ја притиска Левичарската партија кон лево, за да си создаде повеќе простор за себе, за да си го врати загубеното. Истовремено слуша и што зборува народот и го бара она што нему му се допаѓа”.

“Мителбајерише цајтунг”

од Регенсбург коментира:

“Со започнатото свртување в лево, втемелено во новата партиска програма на СПД, сосем сигурно доаѓаат уште потешки времиња за големата коалиција во Берлин. Би можеле да се разнишаат дури и веќе договорените планови, од реформата на осигурувањето за нега на немоќни лица, преку приватизацијата на железницата, се’ до реформата на данокот на наследство. СПД програмски повторно се декларира за демократски социјализам, за што, барем во времето на Шредер, не стануваше збор. Куриозитет е што истата формулација е мото и на Левичарската партија на Лафонтен и Гизи”.

Весникот “Ди велт” се осврнува на изјавите на генералниот секретар на ЦДУ Роланд Пофала на сметка на СПД и вели:

“Тој им префрли на германските социјалдемократи дека се враќаат во ’камената ера‘, дека определбата за демократски социјализам била ’работа прегазена од времето‘. Би било подобро генералниот секретар да употребеше малку потивки тонови. Оти, ни во неговите сопствени редови во никој случај ја нема јасноста во однос на политичките определби, што тој ја претпоставува како самопосебе разбирлива... Чекор по чекор покраинските премиери од ЦДУ подготвуваат почва за скршнување од реформската политика. Од тоа, пак, ќе произлезе невообичаена констелација во кампањата пред наредните избори за Бундестагот: би настапиле две големи социјалдемократски партии – СПД и партиите на Унијата”.

“Рајнише пост”

од Диселдорф со жалење констатира:

“По свртувањето в лево на конгресот на СПД и алергичните реакции на партиите на Унијата, големата коалиција политички сега го губи здивот. Сега одвај да можат веќе да се очекуваат реформи кои би го заслужиле тоа име. Во моментов, навистина, обете страни не гледаат никаква алетрнатива освен да се издржи до 2009-та. Но, преостанатите две години секако веќе нема на земјава да и’ донесат никаков напредок што би бил вреден да се спомне”.

“Вестдојче алгемајне цајтунг”

од Есен се потсмева:

“Може да се претппостави дека Ангела Меркел радо би му зацврстила на Курт Бек синџир со оловни топки, оти во трката на народните партии по брендот ’социјална‘ претседателот на СПД на конгресот постигна предност... Со месеци социјалдемократите вербално биеја врз Левичарската партија. Меѓу нив сега е сомнително тивко, додека Бек во Хамбург ги напаѓаше партиите на Унијата со повишен предизборен тон. Навистина, крајно неизвесно е дали долгорочно ќе се потврди стратегијата на Бек, или дали тој веќе не ќе може да го контролира копнежот на неговата партија за улога на опозиција. Но, канцеларот Меркел мора својата голема коалиција да ја води под изменет предзнак, оти Бек ја засили СПД. Тој го направи понејасен курсот на неговата партија, што за Меркел значи и намалување на пресметливоста на СПД”.