1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Направен е првиот чекор

Санџив Бурман/ Зоран Јордановски22 октомври 2015

Сојузот за текстил, инициран од германското министерство за развојна помош, за една година постигна подобрувања на состојбата на текстилните работници во Бангладеш. Но, има уште многу да се стори , смета Санџив Бурман.

https://p.dw.com/p/1GqKa
Фотографија: DW/M. Mamun

Светот на глобализираната трговија е неправеден. Банани, кафе, производи од кожа и текстил - многу работи во продавниците на Западот потекнуваат од земји во развој, во кои социолошките и еколошките стандарди се тешко сфатливи според европски мерила и немаат речиси ништо зедничко со работното секојдневие на најголемиот дел од овдешните луѓе. Работниците таму заработуваат најчесто многу малку и имаат многу ниско образование.

Текстилните работнички во Бангладеш, на пример, работат седум дена во неделата - значи без ден за одмор, и тоа по 14 часови секој ден! За тоа заработуваат одвај колку за да преживеат. Тие не знаат за сигурно работно место - немаат заштита од отказ и можат во секое време да бидат заменети, оти илјадници други млади, неучени жени се подготвени да ги прифатат ослободените работни места.

Една од причините е дека фабриките, како и лиферантите, се под притисок. Цените паѓаат, а производните трошоци растат. Ни фирмите што ги продаваат стоките на Западот немаат голем маневарски простор. И меѓу понудувачите на еввтини производи во Германија се води огорчена ценовна борба.

Историјата се повторува

Феноменот, домашните индустрии да бидат уништени од увозот од странство, не е нов. Во германската историја има примери кои потсетуваат на сегашната состојба во Бангладеш. Востанието на ткајачите од Аугсбург во 1784/85 е еден од многубројните примери на протести на занаетчии во прединдустриска Германија. Тогаш беше во прашање судбината на ткајачите кои се’ повеќе страдаа од конкуренцијата на евтините понудувачи од Источна Индија. Нивната ситуација почна постепено се4 повеќе да се подобрува дури по повеќе децении.

Денес на Западот очекуваат земјите во развој како Бангладеш, под меѓународен притисок, да го спроведат тој процес во брза постапка. Без ефикасна помош од надвор тие земји тешко можат да излезат на крај против силите на глобализацијата.

Еволуција во развојната политика

Но, сега има знаци дека се случува промена во гледиштата во развојната политика, првенствено во Германија. Крајно време беше. Во минатото развојнополитичкиот пристап на Западот во Третиот свет постојано предизвикуваше незадоволство. Прво требаше на Третиот свет да му се делат лекции, потоа дојде фазата на конструктивен ангажман со мотото „помош за самиот да си помогнеш“. Сега почнува да се сфаќа дека не може само на „тие во Третиот свет“ да им се префрлува одговорноста за катастрофалната ситуација.

Sanjiv Burman Kommentarbild App PROVISORISCH

Денес виновници не се бараат само во земјите во развој, туку и во индустриските, на раководните нивоа на мултинационалните претпријатија, кои ги внесуваат стоките во Западна Европа и ги продаваат по мизерни цени - па дури и кај оние, кои ги купуваат таквите стоки. Сите тие, се вели, придонесуваат за тоа, текстилните работнички во Бангладеш, на пример, да не можат да водат живот достоен за човек.

Сојузот за одржливо текстилно производство, основан на 16. октомври минатата година, инициран од Германија, има за цел трајно да ја подобри ситуацијата на текстилните работници. За да се постигне тоа треба сите учесници во синџирот на производството и лиферувањето да се обврзат да преземат мали, прегледни и доказливи подобрувања, за етапно да може да се постигнува напредок кај ситуацијата на текстилните работници во фабриките. За тоа се врзува надеж дека ќе може да се спречи повторување на катастрофи како уривањето на фабриката во Бангладеш во 2013. година. Фирмите што ќе учествуваат во тој Сојуз за одржливо производство ќе добијат печат за квалитет, па германските купувачи ќе можат без грижа на совест да купуваат маички или кошули „мејд ин Бангладеш“. Така би требало да настане вин-вин ситуација (ситуација во која сите добиваат, н.з.).

По една година веќе се забележливи првите позитивни последици во местата каде се одвива производството. Во текстилните фабрики кои учествуваат во Сојузот веќе сериозно им се приоѓа на теми како безбедност на објектите, еколошка подобност на работните процеси или некој вид работничко организирање. Веќе се донесени и спроведени првите мерки. Со поддршка на германската влада е воведено и осигурување од несреќи.

Примена и во други бранши и земји

Сево ова може да се смета само како капка врз врел камен. Одредена скепса е оправдана и затоа што повеќе фирми во Бангладеш се на лош глас поради поранешни маневри на измами. Сопствениците се богати луѓе, тесно поврзани со политиката. Но, напредокот во изминатите месеци охрабрува.

Сепак, дури и ако текстилните работнички во Бангладеш во наредните години битно профитираат од оваа иницијатива, ситуацијата на работниците во други брани, како во штавилници, и натаму е мизерна. Затоа од Сојузот за текстил би морал да прерасне во Сојуз за сите бранши во Бангладеш и да се прошири и на други земји во кои владеат слични околности. За да се постигне тоа потребна е концентрирана акција од страна на Западот. Работата на германската влада врз тоа штотуку започна.