1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Напад со отров на Техничкиот универзитет во Дармштат?

ЖА
24 август 2021

Државното обвинителство започна истрага, сомневајќи се во обид за убиство – некој ставил отров во млекото и водата во кујната на Техничкиот универзитет во Дармштат, седум лица имаат симптоми на труење.

https://p.dw.com/p/3zQDA
Menschen mit Vergiftungserscheinungen an der TU-Darmstadt
Фотографија: picture alliance/dpa/Keutz TV-News

Дали некој намерно се обидел да отруе луѓе во зградата на Техничкиот универзитет во Дармштат? Еден ден откако седум лица беа хоспитализирани поради симптоми на труење, полицијата има сѐ повеќе индиции дека е во прашање напад, случајот го презеде обвинителството и започна истрага за обид за убиство против непознат сторител.

„Потресени сме од очигледното кривично дело кое се случи на нашиот универзитет“, изјави претседателката на Универзитетот, Тања Брил.

Полицијата во меѓувреме формираше работна група од 40 лица која го истражува случајот.

Вчера седум студенти и вработени биле префрлени во болница поради здравствени проблеми, се чувствувале лошо и имале променета боја на рацете и стапалата. Сите претходно нешто јаделе или пиеле во зграда во кампусот на Техничкиот универзитет, во истата чајна кујна која им е достапна на сите. Во неа луѓето можат да оставаат храна и пијалок во заеднички фрижидери.

Полицијата е уверена дека се затруени повеќе пакувања со млеко и шишиња со вода со засега непозната супстанција, во периодот меѓу петокот и понеделникот. Течностите имале интензивна миризба, соопштија од полицијата.

Technische Universität in Darmstadt
Полицијата формира тим од 40 лица за водење на истрагата за труењето на Универзитетот во ДармштатФотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Лабораториските анализи треба да покажат за каков вид супстанција станува збор, се испитуваат и останатите продукти и пијалоци кои се достапни на кампусот, а анализите можат да потраат подолго време.

Од обвинителството велат дека работата се сфаќа сериозно, со оглед што не се исклучува можноста за обид за убиство.

Состојбата на сите  затруени во меѓувреме е стабилна, вклучувајќи и на еден студент кој првично бил во покритична состојба.

На сите кои се наоѓаат во кампусот полицијата им советувала да не јадат и пијат ништо што во зградата е внесено од порано, а во случај да им се појават сомнителни симптоми, итно да повикаат лекарска помош.