1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо затвор - раскошна вила

4 јули 2011

Фолк-пејачката Цеца Ражнатовиќ, нејзината сестра Лидија и контроверзниот бизнисмен Радосав Саватијевиќ-Кене се само неколку познати српски личности, кои затворската казна ја издржуваат дома. Привилегија за богатите?

https://p.dw.com/p/11ntf
Фотографија: dapd

Освен Цеца, Лидија и Кене, казната затвор во домашни услови ја издржуваат уште пет други лица во Србија. Многумина критикуваат дека можноста за служење затворска казна или притвор под електронски надзор е привилегија, што ја добиваат само познатите личности или оние со добри врски, за наместо зад решетки, казната да ја отслужуваат во своите раскошни вили.

Српскиот криминолог Добривоје Радовановиќ објаснува дека таквите одлуки на судовите се во принцип многу корисна алтернативна санкција, со која се заменуваат пократките затворски казни. „За жал, таа може да се претвори во спротивното, ако се изрекува само на познати личности од политиката или естрадата. Ако се врши селекција врз основа на положбата на тие луѓе во општеството, тогаш станува збор за злоупотреба и таквиот вид казна ќе предизвика негативен ефект во јавноста“, вели Радовановиќ.

И адвокатот и поранешен заменик-министер за полиција, Божо Прелевиќ, смета дека главниот проблем во домашниот притвор е тоа што осудените не се третираат еднакво. „Не може секој да ја добие таа казна. Кога некој ќе добие електронска ракавица, тоа повеќе изгледа како награда, отколку како издржување затворска казна“, констатира Прелевиќ.

Прво докази, потоа притвор

USA Frankreich IMF Dominique Strauss-Kahn unter Hausarrest in New York Polizeiauto
Aпартманот во Њујорк, каде Строс-Кан го помина домашниот притворФотографија: dapd

Професорот Добривоје Радовановиќ вели дека за лошо решение го смета фактот што државното обвинителство уште за време на истражната постапка одредува куќен притвор, наведувајќи дека мерката се одредува само со цел да не се врши влијание врз сведоците и трае се` додека не се соберат доволно докази. Радовановиќ нагласува дека е против тоа осомничените да добиваат притвор, додека државата собира докази против нив. Државното обвинителство е должно прво да ги собере потребните докази, па дури потоа може да се издаде налог за апсење. „Во Србија постои лоша пракса на притворање луѓе, за потоа на суд да се утврди дека нема доволно докази за изрекување казна“, вели Радовановиќ.

Осудените на затворска казна не смеат да го напуштат домот без посебна дозвола од судот, но доколку се во редовен работен однос, имаат право да одат на работа. Нивното движење електронски се следи 24 часа на ден. Доколку „затворениците“ не се придржуваат до правилата, службата што го контролира нивното движење го известува судот, кој има право да го укине служењето казна во домашни услови и да го испрати осудениот во регуларен затвор.

Автор: Весна Рајовиќ/Трајче Тосев

Редактор: Горан Чутаноски