1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Опасност од надрилекарство и фантоми лекари

ДТЗ
13 октомври 2021

Теориите на заговор, надрилекарството, стравувањата да се побара лекарска помош, сиромаштијата, според лекарите, се дел од причините зошто граѓаните се лекуваат на своја рака.

https://p.dw.com/p/41c7D
Nordmazedonien Skopje | Coronavirus | Erste Impfung
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Теориите на заговор, надрилекарството, стравувањата да се побара лекарска помош, сиромаштијата и немоќта на граѓаните да ги купат основните лекови за борба против опасниот Ковид-19, според лекарите, се дел од причините зошто во текот на целата пандемија имаше појава на граѓани коишто предоцна побараа лекарска помош и хоспитализација. За некои тоа беше кобно. Последниот случај на смрт на скопјанка, која што дома била лекувана со инфузии, за што не постои никаква лекарска белешка, го вклучи повторно алармот кај здравствените работници. Додека полицијата го истражува случајот, лекарите алармираат до граѓаните навреме да се јавуваат на лекар и да не земаат лекови на своја рака. 

Случајот го пријавил лекар од ГОБ „8-ми Септември“ кој го направил приемот на пациентката. Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека матичниот лекар го има ексклузивното право да комуницира и да дава препораки за лекување во домашни услови, пред се поради можноста 24 часа да комуницира со пациентот, да направи проценка на состојбата, да каже дали е за домашно лекување или евентуално да препрати на лекар специјалист и за хоспитализација. Тој порача граѓаните кои се болни од вирусот да разговараат само со матичниот лекар, а по негова препорака и со лекар специјалист. 

„Не оди во болница, таму се умира“ 

„Не оди во болница, таму се умира. Подобро да пробам да се лекувам дома со витамини и инфузии, отколку да побарам лекарска помош. Ова се само дел од размислувањата на некои од граѓаните кои предоцна доаѓаат во болница, со тешка клиничка слика“, вели за ДВ Бесим Зеќири, директор на Центарот за јавно здравје - Скопје. 

Nord-Mazedonien Impfzentrum in Skopje
Додека полицијата го истражува случајот, лекарите алармираат со граѓаните навреме да се јавуваат на лекар и да не земаат лекови на своја рака.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат вчера информираа дека до полицијата пријавиле случај на лице со Ковид-19 кое починало по лечење дома, по нивниот наод на терен дека болната од матичниот лекар имала само пропишано таблетарна антибиотска терапија. Роднините потврдиле дека починатата била лекувана дома и дека и биле давани инфузии, иако  матичниот лекар препорачал само антибиотска терапија. 

Дека во овој бран има масовно самолекување и освежување со инфузии во домашни услови вчера потврди и директорката на Клиниката за инфективни болести, Милена Стевановиќ.

„Со освежување не се лекува Ковид-19. Тоа е многу погрешно и доаѓаат во многу тешка состојба за прием. Мора соодветен третман, навремено и соодветно следење на болеста идејќи дома никој не знае дали настанала супербактерија или има цитокинска бура“, вели доктор Стевановиќ. 

Инцидентни случаи 

Директорот на Центарот за јавно здравје - Скопје, Бесим Зеќири не верува дека станува збор за масовна појава на вакви „фантоми лекари“, како што ги нарекоа медиумите. Според него, веројатно станува збор за инцидентни случаи, каде роднини и блиски на заразените со цел да им помогнат, се нафаќаат да им даваат инфузии и да ги лекуваат. Вакви појави на отпор кон болничко лекување и земање лекови на своја рака, според него, имало уште од почетокот на пандемијата. 

„Дел од граѓаните се плашеа да се лекуваат во ковид-центрите, каде постојано слушаа информации дека смртноста е голема, па се создаде впечаток дека кој оди во болница умира. Многумина веруваа дека подобро ќе се излекуваат сами дома, па предоцна доаѓаа во болница, кога веќе не можеше да им се помогне“, вели нашиот соговорник. 

Но, тој укажува дека има јасни упатства и протоколи за лекување на Ковид-19 кои мора да се почитуваат. Во случај кога пациентот има температура неколку дена по ред и тешко дише, тој е неопходно веднаш да побара лекарска помош, по чија проценка, доколку треба, ќе биде хоспитализиран. 

Nordmazedonien Skopje | Test auf Coronavirus
Во случај кога пациентот има температура неколку дена по ред и тешко дише, тој е неопходно веднаш да побара лекарска помош.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Младиот доктор Фатјон Дема, кој од почетокот на пандемијата работеше во ковид одделението во Дебар, за ДВ вели дека за среќа ваква појава на самолекување со фатални последици не е забележана во општината. „Пациентите кај нас бараат помош уште во првите ден - два откако ќе ги добијат симптомите на ковид. Дури 90 проценти од пациентите, побарале помош кај матичен лекар во првата недела од болеста“, вели Дема. Неговата проценка е дека само 10 отсто од заболените се обиделе да се лекуваат дома. 

Според него, ова е резултат на довербата која што ја имаат граѓаните кон здравствените работници во Дебар. „Ова е мала средина, сите се знаеме меѓусебно, луѓето ни веруваат и бараат помош од нас“, вели Дема, кој укажува дека по августовскиот силен бран, сега состојбата со Ковид-19 е смирена во регионот. 

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат д-р Ирина Бухова вчера апелираше до граѓаните кои се позитивни на Ковид- 19, да не прифаќаат лекување во домашни услови, ако за тоа не се изјасни матичниот лекар и задолжително да побараат пишан документ за терапијата и начинот на лекување, со цел да се заштитат граѓаните и нивното здравје.