1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надменоста и заостанатоста танцуваат Виенски валцер

Драгослав Дедовиќ / превод: ЕМФ26 август 2015

Во Виена се одржува втората конференција ЕУ-Западен Балкан. Драгослав Дедовиќ оценува: тоа е средба на надменоста и заостанатоста.

https://p.dw.com/p/1GLc1
Фотографија: Reuters

Западен Балкан е технички термин кој ЕУ го користи еве веќе 17 години за да ги означи земјите од поранешна Југославија од чија низа е исклучена Словенија, како презападна, а на кои им е придодадена, според се‘, вистинска балканска земја - Албанија. Во Германија и на Западот овој поим е на лош глас, исто како и поимот од којшто е изведен - Балкан. Но во тој дел на светот Западот нема само фанови. Приказната како дојде до тоа е предолга, но важно е дека таквите ставови се стврднаа во стереотипи. На една страна заостанатоста иманентна на Балканот, на другата страна незаинтересираност и цинизам - моќ иманентна на Западот. Значи, во Виена според ваквата мисловна формула „заостанатоста“ и „надменоста“ повторно ќе го танцуваат бесконечниот валцер.

Не им е до „Западен Балкан“

Вистината гласи дека на „Германија & компани“ не им е до тоа во догледно време да ги примат полупропаднатите сиромашни држави во полудовршената Европска унија. Но, тоа никој не сака искрено да го каже. Само како мантра се повторува ветувањето од самитот на ЕУ во Солун во 2003 година: „Иднината на балканските држави е во Европската унија“.

Во меѓувреме, во западните престолнини преовладува страв дека на крајот на баладата во ЕУ би можеле да влезат земји со сомнителна буџетска дисциплина од грчки тип. Или, не дај Боже, некои од нив да бидат примени дури и во еврозоната. Исто така, во западните престолнини се насетува дека меѓу западнобалканските земји има и такви чии малцинства, како да кажеме Ромите од Романија и Бугарија, порадо живеат во Дортмунд отколку во својата татковина, маргинализирани во беда.

Стари непријателства во регионот

Исто така, факт е дека билатералните односи меѓу Србија од една страна и Босна и Херцеговина и Хрватска од друга страна во последните години значително се влошија. Причина е неспособноста на елитите на овие земји да ги признаат сите факти од војните завршени на крајот на минатиот век и тие факти да ги интегрираат во сопствената култура на сеќавање. Така претставата за соседот како непријател по потреба може да се активира и две децении по војните.

Многу фалениот Бриселски договор, кој во 2013 година го потпишаа Белград и Приштина, не е спроведен суштински, а сега согласноста за спроведување на договорот се слави како историски успех. Парадоксално, но вистинито - Европската унија наводно инвестира во правната држава на Косово со помош на Еулекс, а граѓаните на Косово масовно ги бараат своите права во Германија поставувајќи барања за азил.

Неподнослива економска ситуација

Ниту една поранешна југословенска република нема достигнато степен на развој како од 1989 година. Дури и Хрватска, која е нова членка на ЕУ, од 2008 година оди по економска удолнина. А онаму каде што економските показатели изгледаат нешто подобро, како во Македонија и Црна Гора, власта ,која се смета за непогрешлива, го блокира вистинскиот политички дијалог. Ако се погледне Босна и Херцеговина човек мора да се праша што Западот како фактички протекторски владетел таму правеше цели 20 години. Земјата не е ниту политички стабилна ниту економски агилна.

Нешто тргна наопаку и тоа од двете насоки, па средбата на Западот и Балканот, за жал, изгледа како прегратка на надменоста и заостанатоста.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Мали чекори и река бегалци

Всушност, за тоа не се зборува. Се разменуваат комплименти. Се оди со ситни чекори, а тоа се продава како крупен успех. Работните групи ќе ги пребројат прекршените ветувања, ќе се основаат поткомисии во министерствата. А, списокот на залудни обиди или пропаднати идеи е исто така долг, како и листата на оптмистички намери од пред една година, при правата средба од ваков вид во Берлин. Некој би морало да ги засука ракавите, но кој? Домаќинот ги крева рамената, а и гостите се прават луди.

Наместо решенија за крупните прашања ќе се наметне една сеприсутна тема - бегалските колони кон Запад. Западнобалканските претставници ќе укажат на неподносливата ситуација во „тесното грло“ меѓу Грција и Унгарија. Ќе ги потсетат своите заборавни партнери од ЕУ дека воените бегалци доаѓаат преку Грција како членка на ЕУ за да стигнат до Унгарија, која е членка на истиот клуб. И дека во своето бегство минуваат низ две земји, Србија и Македонија, на кои се‘ уште им се оспорува способноста да се зачленат во тој клуб. Грција, оставена на цедило од Брисел, ги проследува бегалците натаму. А Унгарија се брани со жица, која е субвенционирана од Брисел. Само прашање на време е кога ќе се затвори балканскто „тесно грло“.

Берлин ќе возврати со факт дека над 40% од барателите на политички азил во Германија стигнуваат токму од Западен Балкан и дека тоа така веќе не оди.

Срцето во паричникот

Сеедно е кому од овој нерамноправен виенски политички валцер ќе му се заврти во главата - извесно е единствено дека од австрискиот главен град нема да стигнат силни економски импулси. Имено, една студија на универзитетот во Ница во 2014 година процени дека инвестицискиот волумен кој им е потребен на овие земји до 2020 година изнесува 110 милијарди евра! На Запад е невозможно да се организира политичко мнозинство за одобрување „пакет помош“ од такви размери. Тоа е ѓаволски круг - ако ти не инвестираш кај мене, ете ме мене кај тебе.

Штом срцето плашливо ќе затрепери во парчиникот, тогаш поради стравот за парите проблемот и не се гледа баш најдобро. Можеби би помогнало потсетувањето на едно југословенско искуство. Економистот Бранко Хорват во 1968 година забележа дека Косово мора да има двократно поголем стопански пораст од Словенија ако Југославија сака да го реши проблемот со нееднаква регионална развиеност. Хорват стравуваше дека во спротивно економската, а со тоа и општествената нееднаквост, „ќе ја стават на тежок тест националната чувствителност на југословенските народи“. Како што знаеме, „социјалистичката солидарност“ се уништи поради економските состојби, а Југославија поради националната чувствителност. Трошоците од воените децении и за Западот беа многу поголеми од инвестициите кои беа потребни пред распадот. Косово и натаму е најсиромашно во Европа, а Словенија повеќе личи на Австрија отколку на Косово. Тоа значи дека и актуелниот, западен „модел на модернизација“ ги направи богатите уште побогати, а сиромашните - посиромашни.

Пропаст на неолибералната модернизација

На економски слабите земји кои се во силно економско опкружување им е потребен модел на забрзан развој. Тие сами нема да бидат во состојба тоа да го финансираат, затоа што тој навистина чини.

Можеби Германија и ЕУ се исфрустрирани од фактот што парите кои ги вложиле на Балканот не произвеле посакуван ефект. Можеби инвестирале погрешно? Можеби премалку? Можеби склучувале зделки со погрешни луѓе? Можеби на Балканот испраќале погрешни луѓе? А можеби и самиот формат на годишно собирање, како ова во Виена, е едноставно погрешен. На крајот на краиштата, можеби е потребен исчекор од седум милји, наместо ситно, неволно чекорење?

Секако дека на демократските земји со стабилна пазарна економија не може да им се префрла дека не се труделе. Во регионот навистина се влеаја милијарди евра. Додуша, по некоја милијарда се прелеа и назад. Толку пари, а толку малку ефекти. Тоа ни покажува дека разликата меѓу добрите намери и добрите резултати е навистина важна. Западот повеќе од две децении е главен политички и економски играч меѓу Сава и Јадранот. Како што стојат работите, по југословенскиот неуспех во модернизацијата на тоа подрачје, на повидок е и западен неуспех. Симптомите се тука.

Во Виена нема да се води ваква дискусија. Но, порано или подоцна, ќе се води на некое друго место. Зашто, стратегијата „повеќе од истото“ потенцира ист неуспех.