1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин: Пофалба за САД, прекор за приврзаниците на Навални

Штефан Штикелман | агенции
23 декември 2021

Рускиот претседател Владимир Путин на својата традиционална годишна прес-конференција повтори дека проширување на НАТО кон исток е неприфатливо за Москва.

https://p.dw.com/p/44lM3
Russland Putin Jahrespressekonferenz
Фотографија: Evgenia Novozhenina/REUTERS

Рускиот претседател Владимир Путин ја оцени како „позитивна“ подготвеноста на САД за преговори во врска со безбедносните гаранции кои ги бара Москва во конфликтот околу Украина. „Досега видовме позитивни реакции“, рче Путин на годишната прес-конференција во Москва. „Нашите американски партнери ни рекоа дека се подготвени да ја почнат оваа дискусија, овие преговори, на почетокот на наредната година во Женева.“

Путин повтори дека какво и да е проширување на НАТО кон исток е „неприфатливо“ за Русија. Досега имаше „пет круга на проширување“, иако беше давано уверување дека западниот воен сојуз нема да ја загрози руската безбедност, рече Путин, нагласувајќи: „Натамошно проширување на НАТО кон исток е неприфатливо. Што тука не може да се разбере?“ На прашањето дали може да гарантира дека неговата земја нема да ја нападне Украина, Путин одговори дека Русија ќе дејствува онака како што тоа ќе го налагаат безбедносните интереси.

Russland Putin Jahrespressekonferenz
И покрај пандемијата на Ковид, овојпат на годишната прес-конференција повторно лично беа присутни околу 500 новинариФотографија: Alexander Zemlianichenko/AP Photo/picture alliance

На прес-конференцијата шефот на Кремљ, меѓу другото, се осврна и на случајот на неговиот противник, Алексеј Навални. Западот, според Путин, досега не дал ниту еден доказ за „наводно труење“ на Навални со хемискиот боен отров Новичок: „Ништо. Нула“, рече рускиот претседател пред новинарите во Москва. Повеќе лаборатории, меѓу кои и една на германскиот Бундесвер, според официјални наводи, го имаат потврдено труењето.

Путин го бранеше и постапувањето против оние кои размислуваат поинаку во земјата и т.н. „странски агенти“. Според него, за многумина непобедливата Русија е преголема. „Може да се распадне само одвнатре“, а тоа мора да се спречи, нагласува Путин.

Многу невладини организации и медиуми во Русија се означени како „странски агенти“. Рускиот претседател нагласи дека Русија сака јасност кој добива пари од странство и кој работи во интерес на друга држава.

Портпаролката на затворениот Навални, Кира Јармиш, на Твитер го опиша Путин како „плашливец“, а во однос на атентатите врз опозиционерите и како „убиец“.

Навални е во казнен логор од почетокот на годинава. Неговото труење и апсењето дополнително ги отежнаа и онака напрегнатите односи помеѓу Русија и Европа. Навални го обвини Путин лично за обид за негово убиство. Кремљ ги отфрла обвинувањата.