1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Македонија не ѝ требаат уште едни наместени избори

Б. Георгиевски5 април 2016

Експертска анализа ги лоцира причините за кризата во Македонија и нуди излезни решенија за нормализирање на општеството и враќање кон евроатлантските интеграции.

https://p.dw.com/p/1IPQ0
Фотографија: MIA

Окончувањето на институционалната криза и обновувањето на демократијата во Македонија, на кус рок, зависат од тоа дали ќе има кредибилни избори, пишуваат во истражувањето објавено од Европскиот фонд за Балканот Ивана Јордановска, Никола Димитров и Дане Талески. Уште едни лажирани избори само ќе доведат до ескалација на политичката криза во земјата, се наведува во анализата објавена под наслов „Окончување на кризата во Македонија: кој е зад воланот?“

„Доколку пред 10 години Македонија беше предводник на реформскиот процес, денес земјата не може да сопре во назадувањето на речиси секој поединечен политички критериум за членство во ЕУ“, оценуваат аналитичарите кои нудат неколку излезни решенија за кризата.

Анализата посочува дека евентуалните нови, наместени избори, нема да имаат негативни реперкусии само за Македонија, туку и за регионот.

„Корумпиран и авторитарен режим ќе добие шанса да се консолидира и да ја засили културата на неказнивост во Македонија, а тоа ќе биде охрабрување за недемократските практики и илибералните сили на Западниот Балкан и пошироко“. Ова според анализата е најлошото сценарио.

За тоа да се избегне се предлага најпрво да се процени дали се исполнети услови, и доколку тоа не е случај одново да се одложат изборите, потег што ќе овозможи целосно прочистување на избирачкиот список и постигнување договор за балансирано медиумско известување.

За да се обезбеди исполнувањето на критериумите за одржување веродостојни избори, главен услов е континуираниот ангажман на меѓународната заедница.

Специјален пратеник за Македонија

Оттука, во анализата се повикува меѓународната заедница да усвои јасни „црвени линии“ и политика на „морков и стап“. Првиот чекор на тој пат би било именувањето на специјален пратеник на ЕУ, поддржан од САД, личност со поголемо политичко искуство и тежина која би имала мандат се до формирањето на новиот парламент. Понатаму се препорачува поставување на долгорочни набљудувачи кои би го следеле севкупниот изборен процес, заклучно со изборниот ден, како и поддршка за граѓански организации кои се покажале како независни и објективни.

Nikola Dimitrov ehemaliger mazedonischer Botschafter
Никола ДимитровФотографија: MIA

Во делот на институциите и медиумите, се препорачува блиска соработка на меѓународните фактори со Државната изборна комисија, со јавниот сервис како и со приватните медиуми.
„ЕУ и САД треба да ги убедат четирите најголеми политички партии да прифатат серија телевизиски дебати кои би биле организирани на различни ТВ-станици“.

На долг рок, анализата дефинира три процеси кои треба да се поддржат за обнова на демократијата и враќање на патот на ЕУ интеграциите. Првиот процес е зајакнувањето на владеењето на правото кој треба да се закотви преку силна поддршка за Специјалното јавно обвинителство. Паралелно треба да се зајакне независноста на судството. Вториот процес е одржувањето и зајакнувањето на граѓанското општество кое треба да биде во состојба да ја контролира власта, без оглед кој ја поседува. Последната препорака на македонските политички аналитичари е да се оневозможи кочењето на процесот на пристапување поради спорот за името, односно да се отвори патот за почеток на преговорите со ЕУ.