1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Косово му се заканува „бродолом“?

Томас Бреј/ Жана Ацеска26 септември 2014

Сите очи се свртени кон конфликтите во Украина, во Ирак и во Сирија. Настрана од овие големи кризи Косово свртува на опасни погрешни патишта.

https://p.dw.com/p/1DLev
Фотографија: AFP/Getty Images

Во Косово беа одржани парламентарни избори пред речиси четири месеци. Но, оттогаш Парламентот не успеа да се конституира, а излез од политичкиот ќорсокак не е на повидок. Се шири кризна атмосфера. Економски од банкрот загрозената земја со рекордна невработеност, огромна корупција и бег на населението во странство, се‘ повеќе се оддалечува од ЕУ, која овде многу години помага со суми од многу милијарди евра и со цела „војска“ од дипломати и експерти.

Клучна точка е своеволна одлука на Уставниот суд. Според неа, само Демократската партија на Косово на досегашниот премиер Хашим Тачи, како најсилна политичка сила, може да го даде претседателот на Парламентот. Но, бидејќи никој не сака коалиција со Тачи, партијата нема мнозинство во Парламентот. Четири опозициони партии, кои своите противкандидати можат да ги пробијат со јасно мнозинство, тоа не смеат да го направат. Уште полошо: Врховниот суд во земјата е неспособен за работа. Еден албански судија бил виден на партиски собир на Демократската партија и е суспендиран од одлучувањето во сите политички случаи. Американскиот судија Роберт Керолан, кој по налог на меѓународната заедница ги поддржува своите косовски колеги со експертизи, ја „фрли крпата“ и се откажа. Весниците во Приштина денеска шпекулираат дека тој може накратко да се врати за судот да почне повторно да работи. Без парламент, значи и - без влада. А без неа мируваат и долгогодишните посредувања на ЕУ меѓу Албанците и Србите. Правната мисија на ЕУ, ЕУЛЕКС, тукушто укажа дека е во прашање доведен и Меѓународниот трибунал за албанските злосторства во граѓанската војна (1998/99), планиран за почетокот на идната година во Ден Хаг. Дури и Договорот за стабилизација и асоцијација, кој најсиромашната земја во Европа треба да ја приближи до ЕУ, се наоѓа „на мраз“.

Хашим Тачи, кој владее со Косово шест години, со раце и со нозе се брани против своето заминување од функцијата. Нему му се заканува губење на неговите врски и мрежа со чија помош тој сите државни рамништа ги префункционираше во „извори на финансиски профит“ за себе, анализираше оваа недела весникот „Газета Експрес“.

Националистите од „Самоопределување“ не би можеле да се задоволат со улогата на помал партнер во владата. Тие ја претставуваат третата по големина политичка сила во земјата. Тие имаат јасно барање: сакаат да ги водат преговорите со Србите, посредувани од ЕУ, за интеграција на српското малцинство во Косово, во кое мнозинство се Албанците. И една јасна цел: Србија мора да го признае Косово како држава. Бидејќи тоа за Белград претставува црвена линија, се заканува престижниот проект на надворешната политика на ЕУ да доживее бродолом.