1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Европа и‘ е објавена војна

Александер Кудашеф/превод: Ж.А.15 ноември 2015

По ноќта на ужасот во Париз, терористичката организација Исламска држава презеде одговорност за нападите со над 120 жртви. Атентатите ја немаа за цел само Франција. На потег е цела Европа, смета Александер Кудашеф.

https://p.dw.com/p/1H5ru
Фотографија: Reuters/Ch. Hartman

13 ноември 2015 година ќе влезе во историјата. Тоа е црн петок за Франција, за Европа, за Западот. Терористичките напади, поточно - тактички перфектно координираните терористички напади на различни локации во еден од најубавите градови во светот, во Париз, беа објава на војна од страна на Исламска држава. Исламистичкиот џихадизам ни објави војна на сите нас овде во Европа. На нашиот стил на живот, на нашите политички, човечки и општествени сфаќања на слободата. Тоа не‘ збунува нас Европејците, кои се чувствуваме братски приврзани кон Франција како ретко порано. Тоа не‘ трогнува, не‘ депримира, па и не‘ лути. Чувствуваме лутина кон желбата на ИД за брутално убивање, на која како жртви паднаа 120 луѓе, да не зборуваме за бројните ранети и тешко повредени луѓе.

Нападот беше нож забоден во срцето на Европејците. Тој беше убод во нашата саморазбирливост, врз нашата животна определба. Теророт беше убиствен убод против француската држава, која и покрај најновите и опсежни технички можности за надгледување, не можеше да ги заштити своите граѓани. Убиствените напади беа ан пасан напад врз францускиот политички пејсаж. Зашто, сосем извесно е лизгање, поместување кон десни, кон ултрадесни позиции. Франција ќе се зачаури, ќе сака да се повлече од глобализацијата. Политички добитник на кошмарот од 13 ноември во Франција ќе биде Националниот фронт. А несреќниот и неомилен претседател Франсоа Оланд е главниот губитник.

Kudascheff Alexander Kommentarbild App
Александер Кудашеф

„Црниот петок“ ќе ја промени Европа. Иако никој не знае од каде дојдоа атентаторите од ИД. Дали тие потекнуваат од француските предградија? Од перифериите на француските градови, каде одамна се создадени паралелни општества на младите муслимани без корени, онаму каде, како што се вели во една книга на алжирскиот писател Сансал, „одамна главниот збор го имаат брадестите“, и каде е тотално одбивањето на францускиот, на западниот начин на живот. Или, дали напаѓачите се терористи дојдени од Сирија или Ирак, повратници од фронт или дури атентатори кои се прикажувале како бегалци? Тоа жестоко би ја разгорело европската, германската дебата.

13 ноември е ден на немоќ. Тоа е ден кој како кошмар се надвиснува над Французите и Европејците. Тоа е ден на потиштеност, на беспомошност и бесцелен бес. Но, тоа е и ден во кој отворените, либерални општества на овој стар континент гордо мора да кажат: нема да го промениме нашиот начин на живот. Тоа е ден во кој човек може ладно и рационално да констатира: оној кој сака да ги сузбие причините за бранот бегалци, треба да ги победи Асад и ИД. Објавата на војна од Исламска држава кон Западот, и не само кон него, не остава простор за друг одговор.