На Грција не и‘ се брза, а Македонија ќе чека?
17 ноември 2009На Грција не и‘ се брза, а Македонија се приклони кон тактиката да чека во спорот околу името на само неполн месец пред самитот на ЕУ, на кој би требало да биде донесена одлука дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори. Властите во Скопје во серијата интерни медиумски брифинзи реагираат и пренесуваат дека Атина го вџашила медијаторот на ОН со пакетот од старите максималистички барања. Владини извори велат дека Грција ги радикализирала барањата во Њујорк. Атина наводно инсистира на употреба на ново име на соседот и за домашна комуникација, во пасошите, личните карти, царинските формулари, а бара грчките градови да не се именуваат со македонски топоними.
„Македонскиот преговарач Зоран Јолевски го запозна државниот врв со најновите случувања, со максималистички позиции на Грција, кои му биле претставени од страна на посредникот Нимиц. Овие позиции не се големо изненадување за нас“, изјави шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски.
Откако македонскиот премиер Никола Груевски јавно изјави дека Грција не отстапува од идеите што го загрозуваат македонскиот идентитет, владата ја враќа двојната формула како преговарчка позиција на Македонија.
Македонија очекува Грција да ги исполнува договорите
„Република Македонија и натаму ќе остане активно вклучена во овој билатерален дијалог, кој се води под покровителство на ОН. Очекуваме дека нашиот јужен сосед ќе се придржува до нормите на Времената спогодба и до мандатот што го има посредникот Нимиц и врз основа на кој може да одредува определени динамики и отвора дискусии за одредени прашања, изјави Милошоски по средбата на Јолевски со државниот врв.
Американската амбасада во Скопје вчера со писмено соопштение уште еднаш потврди дека го поддржува посредништвото на ОН. Според амбасадата, последните изјави ја потврдуваат нејзината заложба да се најде решение за спорот.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Жана Ацеска