1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На германската економија ѝ требаат бегалците

Инго Храмер19 јуни 2015

За германската економија барателите на азил и бегалците се неискористен потенцијал, кој што побргу мора да биде интегриран во пазарот на труд. Гостински прилог на претседателот на германските работодавачи Инго Крамер.

https://p.dw.com/p/1FjdD
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Zahn

За поздравување е тоа дека сојузната и владите на германските покраини ја поставуваат политиката кон бегалците на врвот на политичката агенда и имаат намера да договорат натамошни чекори.

Многу луѓе, кои бегајќи од војна и угнетување доаѓаат во Германија, ќе останат подолго или дури и засекогаш тука. Во интерес на сите е да сторат сѐ, со цел овие луѓе побрзо да можат да се интегрираат на нашиот пазар на труд. Ова е неопходен предуслов, за самите да можат да си обезбедат услови за живот и севкупно да се интегрираат во општеството.

Мора да дојде до олеснувања

Реформите за олеснет пристап до пазарот на труд кои веќе ги започна сојузната германска влада би морало брзо да бидат проследени со натамошни чекори, со цел успешно да бидат спроведени во пракса.

Покрај тоа бегалците пред сѐ мора да бидат поддржани во учењето на германскиот јазик и да им бидат ставени на располагање финансиски средства неопходни за такво нешто.

Пристапот до пазарот на труд за барателите на азил и за оние со привремен престој без забрана за работа мора да се поедностави преку натамошни олеснувања на т.н проверка на предимството како и укинување на забраната за вработување на т.н привремени ( временски ограничени) работни места. Токму при привремено вработување, може во случаи во кои недостасуваат формални квалификации или сѐ уште не се официјално признати, да се поентира со практичните способности и личните компетенции.

Ingo Kramer
Инго КрамерФотографија: picture-alliance/dpa

Мотивирани млади луѓе

Многу млади луѓе, кои како малолетни бегалци дошле во Германија, не само што се подготвени, туку се и особено мотивирани да апсолвираат практична обука на работно место. Токму за нив постапката за добивање азил не смее да значи и застој во животот.

Истовремено има многу претпријатија кои очајнички бараат млади луѓе за практична обука. Затоа престојот за барателите на азил, кои нашле место за практична обука во некое претпријатие, во основа мора да биде осигуран и да биде олеснет пристапот до инструментите за поддршка на стручната обука.

Постапката за добивање азил мора натамошно да биде забрзана како и да бидат создадени неопходните финансиски, персонални и структурни предуслови, за да може да успее целното потпомагање, советување и последување во агенциите за вработување.

Инго Крамер од ноември 2013. година е претседател на Сојузното здружение на германските сојузи на работодавачи (БДА). 62-годишниот претприемач покрај тоа е директор на групацијата на фирми Ј.Хајнр.Крамер во Бремерхафен.