1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мустафа: Косово сака стабилност во Македонија

Бахри Цани/сн2 јули 2015

Косовскиот премиер Иса Мустафа по средбата во Берлин со германската канцеларка Ангела Меркел, во интервју за Дојче Веле говори за предизвиците со кои се соочува Косово, но и за односите со Србија и со Македонија.

https://p.dw.com/p/1FrZd
Фотографија: DW/B. Cani

Дојче Веле: Неодамна голем број граѓани на Косово учествуваа во борбите во Куманово. Какви се сега односите со Македонија?

Иса Мустафа: Жал ни е што граѓаните на Косово отидоа да се борат во Куманово и што таму загинаа луѓе. Косово немаше никогаш, ниту сега има интерес да ја дестабилизира Македонија или да се меша во внатрешните работи во земјата. Ние таму сакаме стабилност, Охридскиот договор во целост да се спроведе и да се воспостават добри меѓуетнички односи. Неодамна два пати разговарав со премиерот Груевски и меѓу нашите земји нема никакви проблеми.

Во Берлин (30.6.) се сретнавте со канцеларката Меркел и таа ги повтори барањата за борба против организираниот криминал на Косово, како и за основање на Специјален суд за воени злосторства. Тие барања не се нови - зошто не се исполнети?

Секогаш може да го обвините овој или оној, и исто така да кажете дека Унмик и Еулекс долго беа одговорни за правниот систем на Косово. Ние дури сега добивме некои овластувања. Но главна причина е што на Косово немаше доволно волја институциите во земјата да се соочат со таквите случаи. Но мислам дека сега е време да преземеме одговорност и нашиот правен систем да го организираме на начин на кој ќе се занимава и со такви случаи.

Што се однесува до Специјалниот суд за воени злосторства, мислам дека тука се работи за посебен случај, бидејќи истрагите ги водеа меѓународни институции и затоа казните би требало да бидат на меѓународно ниво. И покрај тоа што парламентот го одби нашиот предлог, сакаме тоа повторно да го направиме, бидејќи Уставот овозможува во парламентот повторно да се гласа за ист предмет. Исто така ќе разговараме со дипломатските претставници на Косово, ќе внесеме некои измени во законот, но нема да ја менуваме суштината. Се надеваме оти ќе го добиеме потребното двотретинско мнозинство.

Deutschland Kosovo Mustafa bei Merkel
Мустафа кај Меркел на 30.06.2015Фотографија: Getty Images/AFP/O. Andersen

Што се однесува до организираниот криминал и корупцијата, тоа се области кои ги третираме многу сериозно и против кои мора да се бориме. Мораме да го зголемиме бројот на обвинители и судии и да приведеме до крај некои процеси.

Горлив проблем е српско-косовскиот дијалог, бидејќи не само Германија, туку и цела ЕУ очекуваат договор за нормализирање на односите. По 17 часа разговор, последната рунда во Брисел не успеа. Зошто?

Навистина разговаравме долго и се’ беше многу тешко и мачно. Посебно чувствителна област е работата и функцијата на Заедницата на српски општини. Мораме да бидеме многу внимателни на Косово да не се создаде трето ниво на власт (меѓу државна и општинска), што е во спротивно на Уставот и законите. Таа Заедница не смее да има извршни овластувања и да преземе улога на централна влада. Мораме да најдеме начин да се задоволат потребите во општините со српско мнозинство, но во согласност со Договорот од Брисел од 2013. година. Треба да се безбеди централната влада и локалната самоуправа да имаат јасни одговорности, да не се судираат тука. Имавме тука потешкотии да најдеме заедничко решение со српската делегација.