1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мојот „БалканБалкон“

26 јули 2021

И актуелните истражувања на значењето на Балканот во западноевропскиот жаргон потврдуваат дека сликата за Балканот не е темелно промената. Уште Балканот е „Другоста“ на западната култура. Пишува Кица Колбе

https://p.dw.com/p/3y3QC
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„БалканБалкон“ е мојата дамнешна лична шифра за една поинаква (споредена  и со сегашната) утописка слика за Балканот. Литерарно-филозофски првпат ја обликував  во краткиот есеј „Од длабокиот Балкан“ што го напишав за „Утрински весник“ 1997-та. Од него потоа настана големиот есеј „БалканБалкон“, објавен 2001-та во македонското издание на списанието „Lettre international".

Синтагмата „БалканБалкон“ се роди по средбата со германскиот жаргон откако во осумдесеттите се преселив во Германија. Таа тогаш беше само имаголошка медитација. Како многу од моите врсници родени во Југославија, тогаш бев уште уверена дека поимот Балкан е само реликт од едно „предмодерно“ време и нема врска со нашиот еманципиран начин на живот. Освен тоа, во Југославија се доживуваме како припадници на европскиот „Запад“, а „Истокот“ беа земјите од Варшавскиот пакт. Затоа ме чудеше зошто кога просечните Германци ќе ме прашаа за моето потекло, нивниот коментар често беше, „ах, значи Вие сте од најдлабокиот Балкан!“.

Тогаш се сетив на моето прво искуство со зборот Балкан. Во едно време кога уште не одев на училиште и немав видено не само атласи, туку ниту балкони, бев уверена дека зборот Балкан и зборот балкон се идентични. Затоа што моите егејски баби за балкон велеа „балкан“! Во затворениот свет на егејското гето крај Скопје, долго немав видено како изгледа вистински балкон. Моите баби раскажуваа за „балканите дома“, во напуштените куќи во Егејска Македонија. Првите раскошни балкони ги здогледав пред земјотресот, при прошетките низ Илинденска во неделните попладниња, на пат кон паркот. И се восхитив од нив! Тоа направи зборот Балкан за мене да остане длабоко поврзан со чудесноста на секој балкон. Затоа што нѐ ослободува од врзаноста за почвата, ни го приближува небото и ни го зголемува видикот. Во југословенското детство јас, детето на бегалци од последната граѓанска војна пред почетокот на „Студената војна“, си го замислував Балканот како голем и висок балкон, од кој неминовно видикот е многу појасен.

„Од најдлабокиот Балкан“

Дека ние во Југославија живееме во регион со име што значи балкон само во костурскиот говор на моите баби, дознав дури откако тргнав на училиште. Тогаш не го научив само правописот на зборот балкон, туку од атласот дознав дека Балканот е полуостров во Југоисточна Европа. Притоа, ниту малку обичен, затоа што го поврзува Западот со Истокот, Оксидентот со Ориентот. Тоа што Балканот поврзува два света, кои често се симболи на Другост и Туѓост, ме тешеше дека мојата фантазија за „БалканБалкон“ сепак била основана. Подоцна, на часовите по историја најдов уште еден доказ за неа. Старите историографи верувале дека од највисокиот врв на планината Хемус, од Турците наречена Балкан, се гледал Дунав и земјите по неговото течение. Што за мене тогаш значеше – се гледа цела Европа! Тој збор, пак, во најраното детство го знаев само по името на фабриката за чоколада во Скопје. Тоа за детето го правеше далекусежниот видик врз Европа од високиот „БалканБалкон“ уште поскапоцен.

Напротив, во германскиот жаргон, „од најдлабокиот Балкан“ („aus dem tiefsten Balkan") не значи само дека тој е географски најдалечниот дел на Европа. Што говори дека таа од Балканот не може да се здогледа ниту од неговата (дури и замислена) „височина“. Тоа, исто така, значеше дека Македонија за многу од моите германски соговорници беше симбол за Балканот. Дека таа е најдалеку од Западот и во цивилизациска смисла, дека е „најзаостанатиот” дел од европскиот континент. Во себе си велев: „Па, Грција е географски уште подалеку од Западот на Европа.“

Шифрата од детството за еден „БалканБалкон“ кој може да ја надмине закотвеноста во хтонското, во идеологијата на „крвта и земјата“, долго ми беше прибежиште пред грдото лице кое Балканот го пројави во постјугословенските војни. Подоцна, читајќи ја критиката на Карл Краус на стереотипите и проекциите на Западот за „суровиот, варварски и мрачен Балкан“, ми стана јасно дека во моето југословенско детство таа „грда“ слика за Балканот воопшто не беше присутна. Ние тогаш ја знаевме само симболиката за Македонија како „јаболко на раздорот“, како и „историските апетити“ на нејзините соседи, но не и западната претстава за вечно „варварскиот“ Балкан. Притоа Карл Краус веруваше дека Балканот е само „Hinterland“ на Западна Европа – подрачјето за кое војните и границите ги исцртуваат генералите во европските метрополи. „Hinterland“ е симбол за заостанатост и предмодерност. Тоа говори дека „Балкан“ е поим за „Другоста“ на тој регион во перцепцијата на Западот. Тој, во таа смисла, беше долго неговиот „мрачен близнак“, од кој за Западот често доаѓаше опасност. Дури и актуелните истражувања на значењето на Балканот во западноевропскиот жаргон, потврдуваат дека сликата за Балканот не е темелно промената. Уште Балканот е „Другоста“ на западната култура. Тој е уште нешто што не припаѓа на „Европа“, дефинирана како западна цивилизација, како Оксидент. Затоа најголемиот парадокс во овој контекст е синтагмата „Западен Балкан“. Ако Западот и Балканот се стереотипни антиподи, тогаш е чудно што значи нивната обединетост во новиот поим на бриселската администрација? Не се сомневам  дека најголемиот број од ЕУ-членките се сѐ уште верни на визијата која ги надминува историските и културните стереотипи со мировната политика. Затоа сметам дека констелацијата што ја создаде Бугарија кон Македонија, проблематизирајќи ги во ЕУ темелите на нејзината национална самобитност, ги загрозува и темелите на европското обединување.

Други колумни од авторката:

Во потрага по Баухаус во заспаниот Десау

Цветните оази во келнските тротоари

Егејскиот оркестар за свадби

Шифрата „БалканБалкон“ за мене и ден-денес ја има истата утописка јачина. Доколку македонските граѓани ја погледнат својата реалност низ таа призма, тие ќе сфатат дека најдрагоценото во неа е токму она кое денес многумина го сметаат за нејзина слабост. Тоа што Македонија ја прави многу поблиска до првобитната визија на европското обединување. Имено, во Македонија секој народ има уставно право на својата јазична и културна самобитност. Напротив, во најголемиот број балкански земји (некои одамна членки на ЕУ) не се признаваат малцинските права. Да беше денешната ЕУ уште обединета околу своите првични принципи, тогаш Македонија требаше одамна да биде членка на ЕУ. Не се ретки аналитичарите во ЕУ кои сѐ почесто укажуваат дека фаталната грешка во нејзината политика кон Југоисточна Европа е тоа што во неа уште се препознаваат старите урнеци според кои балканските држави се третираат како „клиенти“ на предвоената европска политика.

Знам, во оваа ЕУ долго ќе сонувам за поинаков Балкан само низ мојата шифра „БалканБалкон“. Меѓутоа, таа покажува дека доколку се промени перспективата, доколку малку се издигнеме од закотвеноста во старите архетипски слики за себе и за светот, како кога се наоѓаме на некој многу висок балкон, ќе можеме кај себеси да ја препознаеме јачината во тоа што досега сме го сметале за наша слабост. Само тогаш може да се променат нештата, но, пред сѐ, ние самите.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.