1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Германија, Турција и бегалците

Кемал Хур
23 јуни 2018

Во Германија бегалците се причина за владина криза. Во Турција Сиријците кои набрзина добија турско државјанство би можеле да му обезбедат победа на Ердоган. Зоруваме за бегалци, а ги забораваме луѓето, оценува Кемал Хур

https://p.dw.com/p/305zR
Merkel und Erdogan
Фотографија: picture alliance/dpa/K. Nietfeld

Турција е пред судбински избори. В недела ќе се воведе претседателски систем. Меѓутоа, во поделената земја се работи пред сѐ за прашањето: дали претседателот Реџеп Таип Ердоган, кој од пропаднатиот обид за пуч во летото 2016 година, владее со декрет сам во земјата, ќе го цементира ваквото владеење.

Во Турција живеат околу 3,5 милиони бегалци. Земјата има 80 милиони граѓани, или отприлика колку во Германија. Во Германија, доселувањето на околу 1,5 милиони бегалци од 2015 година е доминантно во политичката и општествената дебата. Деснопопулистичката АфД немаше да успее да влезе во Бундестагот ако го немаше на моменти хистеричното третирање на темата миграција.

Бегалското прашање сега, по две и пол години, ја става владата на „Ќе успееме“-канцеларката на тест. Владејачката коалиција на најголемата и најстабилната економија е соочена со распад поради овие луѓе, кои избегале од војна и мизерија.

30.000 сириски бегалци имаат право да гласаат во Турција

Во Турција, која има примено три пати повеќе бегалци, бегалското прашање досега игра подредена улога. Тоа надвор од Турција влезе во фокусот на јавноста кога Ердоган повторно се закани дека ќе ги отвори границите и ќе ги пропушти бегалците од сириската граѓанска војна во насока на Европа.

Додека германската канцеларка в недела во Брисел на мини-самит ќе прави напори за да добие поддршка за својот европски курс за азилот, еден дел од сириските бегалци во Турција можеби ќе му помогнат на Ердоган кој стреми кон апсолутистичко владеење. Во текот на изминатите месеци државјанство добија 55.000 Сиријци, од кои, според проценките, околу 30.000 имаат право на глас. Мала бројка, ако се мери според вкупниот број граѓани со право на глас - над 50 милиони. Но, Ердоган ништо не остава на случајот кога се работи за неговата моќ. Оние кои ќе гласаат првпат се главно населени во упориштата на прокурдската ХДП и на турско-сириската граница. Таму би можеле да ги променат мнозинствата. Тие гласачи на Ердоган гледаат како на свој спасител и поддржувач и сакаат да му го дадат својот глас.

DW Quadriga - Kemal Hür
Кемал ХурФотографија: DW

Меѓутоа, дали сите бегалци во Ердоган гледаат спасител, е прашање. Само мал дел се сместени во официјалните кампови за бегалци и се барем половично снабдени со она што им е неопходно. Повеќето бегалци живеат во тешки услови. Во Истанбул има чајџилници каде се собираат млади Сиријци кои се наемни работници и секој ден се надеваат дека некој ќе ги побара за работа.

Ердоган продуцира бегалци

Ердоган е бескрупулозен човек кој стреми кон моќ. Да не му беа потребни, тој веднаш ќе ги вратеше бегалците назад. За него 3,5 милиони луѓе претставуваат оружје. Тој ги користи како потенцијал за закани против Германија или против целата ЕУ. Од договорот со ЕУ за бегалците во март 2016-та, при секоја кавга тој се заканува со откажување на договорот. Но, сѐ уште се држи до него. Европската Комисија неодамна соопшти дека во ЕУ и натаму доаѓаат значително помалку бегалци отколку пред склучувањето на тој договор. Договорот за бегалците, како што се вели, функционира.

Меѓутоа, што е она што во јазикот на политичарите звучи толку позитивно и што „функционира“?

ЕУ на деспотот, кој заради сопствената моќ затвора илјадници луѓе, држи во затвор најголем број новинари, затвора медиуми, илјадници академици и државни службеници и суспендира, отпушта или им забранува работа на илјадници службеници, му дава 6 милијарди евра за да ја запре миграцијата кон ЕУ. Со тоа, ЕУ станува подложна на уцени, молчи кога тој спротивно на меѓународното право маршира во Сирија, кога ги протерува Курдите од нивните територии и таму населува исламистички милиции и Арапи, значи кога спроведува размена на население.

Повеќе од авторот: Моја Европа: Ердогановата игра со поделениот идентитет на германските Турци

Европските вредности не се за луето во бегство

Ердоган не решава проблеми, тој е проблем. Тој со својата воена интервенција во Сирија продуцира уште повеќе бегалци. Можеби тоа го согледала и канцеларката, која е под притисок. Таа сега бара помош во Јордан и Либан. Помош за еден проблем, за кој пред само три години рече: „Ќе успееме!“. Во основа, таа имаше право. Околу 1,5 милиони луѓе не ја направија Германија нестабилна или посиромашна. Но, односот на политиката и на луѓето кон нив помести граници - границите на пристојност во културата на дебатирање.

Не зборуваме за судбината на луѓето, туку ги сфаќаме како „поплава“, „бран“, „маса“ или „струење“. Зборуваме за европски и западни вредности, а се изолираме од луѓето кои копнеат токму по вакви вредности. И, тие бегаат од војни од кои ние профитираме преку продажба на оружје. Зборуваме за човекови права, но сепак ги сакаме само за себе. Зборуваме за благосостојба, а не сакаме да им дозволиме и на другите да имаат удел во тоа. Велиме „борба против причините за бегство“ и планираме бегалски центри пред портите на ЕУ. Зборуваме за бегалци, па сме дури и доволно пристојни за јазично да го разубавиме поимот со тоа што ќе кажеме „лица во бегство“. Не можеме да се натермаме да кажеме едноставно „луѓе“. Она што не го кажуваме е дека не ги сакаме овде, меѓу нас. Затоа Меркел патува на Блискиот Исток. И се надева дека в недела во Брисел ќе добие поддршка од ЕУ-партнерите, за нејзината сестринска партија ЦСУ да не ја истера од Канцлерамт (кабинетот на канцеларката, н.з.) додека Ердоган во Турција - на каков и да е начин - веројатно ја зголемува својата моќ. Можеби со помош на гласовите на оние протерани Сиријци, на кои набрзина им даде турско државјанство.

Политиката ги нарекува бегалци, а и ние, за жал!

 

Кемал Хур. роден во источна Анадолија, живее во Берлин од 1980 година. Во Германија студирал германистика, социологија и театрологија сега работи како новинар, главно за програмите на Германското радио.