1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Аполонија 2019

Кристофер Неринг
19 октомври 2019

Стагнацијата можеби не е секогаш катастрофа, туку некогаш може да има и смирувачка страна. И тоа на некој начин е симболично за Европа во 2019.

https://p.dw.com/p/3RWAz
Christopher Nehring, Historiker, Berlin (©Susanne Schleyer / autorenarchiv.de)
Фотографија: Susanne Schleyer/autorenarchiv.de

Во старото рибарско селце Созопол на бугарското црноморско приморје има мала странична уличка, покрај сите барови на плажа и ресторани. Зад старата градска порта, над едно заливче има две клупи под прастара смоква. Во сенката на дрвото се простира погледот на заливот на Созопол кон кој водат камени скали.
Пред 10 години, во септември 2009 година, последен пат седев на таа клупа. Тогаш Бугарија беше свежо влезена во ЕУ, а јас за првпат го посетив фестивалот на културата Аполонија, кој се одржува секоја година во првата септемвриска недела во омиленото одморалиште. Сега, 10 години подоцна, се враќам во Созопол и на Аполонија, седам под истото дрво и размислувам околу тоа што се има сменето од тогаш. Или пак се нема сменето. И за тоа, што тоа би значело за идејата за Европа.

Еден патрон и неговото наследство

Одмор на плажа и фестивал на културата, некогаш основата на добра идеја е многу едноставна. Тоа си го помислиле и серија бугарски уметници кои во 1984 година, уште во времето на Студената војна, го основале фестивалот наречен според грчкиот бог на уметноста Аполон, во стариот дел од градот Созопол, 30 километри јужно од Бургас и на еден час возење северно од турската граница. Оттогаш Аполонија опфаќа секакви форми на уметничко изразување - цртање, танцување, театар, филмови, џез и бугарска народна музика. Во 2019. значи се собравме да ја прославиме 35-годишнината од постоењето на фестивалот. 35 години, од кои шест за време на комунистичкиот режим и последните 10 како горда членка на ЕУ. Уште патронот за името - во време кога бугарските комунисти во 1980-те години се обидувале да ја искористат силата за мобилизирање на еден етноцентричен национализам – укажува на општоевропско културно наследство на грчко-римската антика. Грчко-римско име и содржина која треба да биде со бугарската култура. Дали националната култура под капата на општоевропско културно наследство од основачите се сфаќала како противречност, како тивок протест против политиката на изолација на социјалистичкиот блок, или пак како израз на „Единство во разноликоста“, како што денес е мотото на ЕУ, нема информации. Можеби било од сѐ по нешто.

„Аполонија – бугарскиот фестивал!“

Во овие услови ви 1984 година почна Аполонија, во време кога Европа беше поделена со Железната завеса. Туристичките центри на Црно Море, пак, уште од 1960-те беа точка каде се среќаваа сите од Европа. Под чадори и на пиво и со задолжителната Шопска салата (домати, краставици, бело сирење) уште тогаш се зближуваа Европејци од истокот и западот, северот и југот. Сепак, Аполонија остана и е национален бугарски фестивал. И денес, за 35-годишнината, текстот на интернет страницата на фестивалот завршува со најавата: „Аполонија – бугарскиот фестивал!“. Странски уметници дури подоцна почнаа да се појавуваат на сцената, странски посетители и до ден денес може да се бројат на прсти. Јазикот на Аполонија е монолингвално бугарски, преводи или титлови нема. Театар, белетристика, филм и песни се исклучиво од бугарски уметници. Меѓу нив има толку познати имиња, како на пример повеќекратно преведуваниот писател и драматург Георги Господинов. Меѓународни гости има главно во делот на инструментална музика и сликање, односно нонвербалните уметности. Во 2019., на пример, беа аргентинскиот танго-мајстор Матијас Гонзалес и Диксиленд-групата на американската армија во Европа.

„Музика и љубов“

Двете ги промашив намерно и наместо тоа посетив две претстави од софискиот „Мал градски театар зад каналот" и два концерта, џез пијано и класика виолончело. Двете претстави беа длабоко разочарување, кое жената која седеше до мене го опиша како „неинспиративно, вулгарно врескање“. Двата концерта, во атмосферата на археолошкиот музеј во градот, беа вистинско доживување. Кога го прашаа за европскиот дух на Аполонија, џез пијанистот Живко Петров кусо одговори „Музика и љубов“. Без разлика дали некогаш подлабоко размислувал за европската идеја, тоа сепак беше некаков почеток. Јазикот на музиката се чини дека за сите бугарски и интернационални гости во 2019. пренесе појасна порака од кој било разговор. Кратко пред тргнувањето со автобусот кон Бургас, кој и натаму чини 5 лева, односно 2,50 евра, исто како и пред 10 години, си седнав уште еднаш под смоквата. Голем знак посочува дека и ова место е обновено во рамки на бугарско-турски инфраструктурен проект со пари од ЕУ. И тука повторно општоевропски напис над национална содржина и повторно слика за состојбата на Европа. Аполонија помина, некоја специјална европска димензија на многу бугарскиот фестивал не можев да најдам и во Созопол не се чувствувам ни повеќе, ни помалку поевропски отколку пред 10 години. Можеби е слика за стагнацијата на европската идеја, си помислувам. Потоа си каснувам од истите пржени гирици, си пивнувам од истото бугарско пиво и гледам во преубавото море. Можеби стагнацијата не е секогаш катастрофа, можеби некогаш има своја смирувачка страна. И тоа на некој начин е симболично за Европа во 2019 година.


Кристофер Неринг, роден 1984 година, е научен раководител на Германскиот музеј за шпоинажа во Берлин. Студирал источноевропска и понова историја во Хајделберг и Санкт Петербург и во 2016. докторирал на тема за тајните служби. Неговата најнова книга е „77-те најголеми митови за шпионажа” во издание на Хајне, Минхен, 2019 година.