1968 во Југославија: Непријатели од сите бои
4 јуни 2018На 2 јуни 1968 година на новобелградска страна изби масовна тепачка меѓу бригадирите од работна акција кои имаа привилегија да присуствуваат на приредба во Домот на културата и студентите кои сакаа да влезат во салата, но не можеа бидејќи беше преполна- поради дожд. Интервенираше полицијата која тогаш се викаше милиција. Огорчените студенти истата вечер се собраа и тргнаа кон градот во кој таа ноќ не стигнаа.
Силни полициски одреди ги запреа и со брутална сила ги разбија- со употреба на огнено оружје. Веќе наредното утро медиумите ги прогласија студентите за хулигани, за набрзо да ги нападнат „непријателите од сите бои." Практично, тоа можеше да биде секој. Девојките и момчињата полни со идеали за општествена правда се соочија со реално и пропагандистичко насилство на власта кое дополнително го поттикна револтот.
Тоа беше иницијална каписла која набрзо ќе доведе до протести на Белградскиот универзитет и до основање на „Црвениот универзитет Карл Маркс", кој, всушност беше самоуправен интелектуален форум во чија кујна се крчкаа идеите на новата левица. Тие се движеа од слободен печат до бунт против лицемерното прогласување на социјална правда со реален пораст на невработеноста и на неправдата. Накусо, против „црвената буржоазија". Протестот против тепачите во униформи прерасна во автентична лева платформа.
Движењето
Седумте дена на анархични расправи, доушнички извештаи, полициски тепања, незаборавни настапи на уметници, како што е оној на актерот Стево Жигон, пред бунтовните студенти, укинувањето на телефонски врски и запирање вода, со драматично финале во кое Тито неочекувано јавно им даде условна поддршка на студентите, оставија длабока трага во животите на учесниците, но и во целата земја.
Желимир Жилник со камера ги забележа историските моменти на левиот револт во социјалистичката земја која себе си се сметаше за системски надмоќна и над бољшевистичкиот исток и над трулиот Запад.
Живоин Павловиќ, режисер и писател, во записите во дневникот од 1968 година „Плуканка полна крв", чие прво издание беше забрането, бунтот го опишува на следниов начин: способноста мораше да регира на силата. Студентите можеби не знаеле точно што го сакаат, но знаеле што не сакаат.
Последици
Еден дел од учесниците на протестот потоа на своја кожа ќе ја почувствуваат репресивната страна на Титовиот режим. Така студентот од Требиње, кој ќе стане познат како Влада Револуција, својата подготвеност да ги поведе колегите на протести ќе ја плати со апсење, затвор, тешкотии за време на служењето на воениот рок и со 21 година егзил во Америка. Тој, секако не беше единствен.
Југословенското самоуправување се покажа како непогодно за брза пресметка со професорите обвинети оти негативно влијаеле на студентите. Самоуправните тела во универзитетите едноставно гласаа одлуки спротивни со партиските желби. Еден партиски функционер ќе рече дека на Титовите партизани им требале 4 година да победат во војната, а на државата во случај со професорите ќе им требаат 7 години да ги избркаат од факултет. Но, на крајот беа избркани.
Кој што доби?
Она што го сакаа студентите и она што- освен тепање- навистина го добија битно се разликува. Цензурата против која протестираа во годините кои следеа- се зголеми.
„Црниот бран“ во југословенска литература и филм беше изложен на постојан надзор, јавно плукање спроведено од страна на идеолошките правоверници и- забрани.
Отклонувањето од економската либерализација го зголеми југословенскиот глад за кредити. Социјалниот мир „на пумпа" ќе доведе до конфликти околу прераспределба на заработеното. А со тоа и до преиначување на структурните проблеми во полусоцијализмот во меѓунационални конфликти.
Работниците по барање на студентите добија право на минимален приход и така станаа можеби едниствената општествена група која навистина имаше полза од протестот во кој не учествуваше. Иронијата да биде поголема, денес се знае дека во фабриките околу Белград превентивно се формирале одреди за разбивање на демонстрациите. Дел од работниците биле подготвени да се пресметаат со сопствената судентска авангарда.
Разбивање на новата левица
Новата левица за која подоцна смислија етикета „анархо-либерали“ (прилично точен назив бидејќи во центар на вниманието беше автономијата на поединците, барање за негов слободен развој со социјално праведното општество) доби набрзо конкуренција со националните движења, пред сѐ во Хрватска и на Косово.
Небојша Попов, еден од маргинализираните интелектуалци во чистките по 1969 година, беше можеби најдобар аналитичар на југословенските општествени конфликти. Тој во текот на животот го опиша механизмот на дробење на новата шеесетосмашка левица во комунистичко-националистички воденичен камен.
Новата левица ја напаѓаат и режимот и новите националисти. Сложно заедно го тепаа космополитскиот непријател.
Дури кога Маспок во Хрватска го доведе во прашање комунистичкиот монопол на власта, властодржците го разбиваат. Но, некои негови идеи се вградуваат во Уставот од 1974 година. Наместо слободен поединец во праведно општество, правдата се дефинира како рамноправност на републики, народи и народности. Човечкото достоинство е можно само како изведенка од колективна автономија.
Наследството од 68-та беше маргинализирано со репресија во социјализмот, но целосно уништено дури со победоносниот поход на национализмот, кој згора на тоа во Србија имаше и квазисоцијалистичка иконографија.
Милован Ѓилас, демократ и затвореник под власта на неговиот некогашен соборец Тито, суво констатираше уште за време на поранешна Југославија, дека последниот излез на социјализмот ќе биде национализмот. И беше во право.
Последни Мохиканци
Југословенските демонстранти во 68-ма го имаа истиот оној регистер на надежи како и нивните врсници од светот- сон за социјална правда, мир, светска солидарност. Наместо тоа добија воена апокалипса, во која во косовското финале бомби им испраќаа некои нивни поранешни западни истомисленици.
Некои ја променија страната уште во 70-те, станувајќи доушници, функционери или кариеристи. Некои во 80-те ја открија нацијата како последна утопија. Некои во новиот милениум се преобратија во неолиберали или традиционалисти.
Само ретки останаа верни чувари на моментите кога еден дел од општеството и покрај насилството на мнозинството се обиде да артикулира алтернатива. Вистинските шеесетосмаши беа органски дел од дифузното светско движење, за разлика од денешните декларативни постјугословенски Европејци, чиј интернационализам се заснова на одлуката формално да ги исполнат обврските за зачленување во елитниот клуб ЕУ.