1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Можеби е добро Косово да се здружи со Албанија“

9 април 2010

Деновиве еден од најпознатите светски филозофи Славој Жижек, одржа неколку предавања во Црна Гора. Во интервју за Дојче веле зборуваше за европската перспектива на Западен Балкан, но и за Србија и Косово.

https://p.dw.com/p/MrhB
Фотографија: AP

Да не се биде дел од ЕУ, за земјите од Западен Балкан не е алтернатива според Славој Жижек, зашто: „Многмина мои пријатели, т.н. радикални левичари, се против ЕУ. Велат дека ЕУ е само механизам на крупниот капитал и наметнува свои стандарди за побрзо демонтирање на социјалната држава и слично. Но, за жал, ние сме дел од европскиот свет-било да сме во или надвор од Унијата. Искуството покажува дека ако си надвор од ЕУ, таа уште повеќе те искористува, така што останувањето надвор од неа не е алтернатива. Решението е влегување во ЕУ и правење обид одвнатре да се направи некаква лева коалиција. Мислам дека Европа на светот денес му е попотребна од кога било порано.“

Дали Брисел води поинаква политика кон Балкан

На прашањето дали се менува политиката на Брисел кон Балкан, Жижек одговара: „Тоа е вистина. Но, за жал, тука доаѓа критичката страна. Искуството од последните десет години покажува дека Европа неможе да се воздигне до нивото на некој сериозен проект. Но, поради сосем одредени геополитички причини, работите за Балкан сега изгледаат поинаку.“

Philosoph Slavoj Zizek
Славој ЖижекФотографија: DW

Жижек смета дека и Србија е на потег: „Србија треба сама да реши. И тоа не само во заострен политички смисол да ги признае своите злосторства во Босна, туку проблемот е многу посериозен. Мислам дека Србија, иако не само таа, уште не се решила за некоја модерна Европа. Овде постојат делби и трауми, така што битката уште не е добиена. Зашто, не се работи само за Србија. Националистичкиот популизам јакне и на други места во Европа.“

Каква е иднината на Косово?

Во БиХ и на Косово не постои долгорочно решение, смета Жижек. Како тој ја гледа иднината на Косово? „Тоа прашање ми донесе многу тешкотии. Ситуацијата е прилично ирационална. Ќе речам нешто апсурдно: можеби е најдобро Косово преку некоја меѓународна координација да се здружи со Албанија. Долгорочно, тоа би било единствено рационално решение. Зашто, бесмислено е да постојат две држави од ист народ. Затоа бев скептичен до самостојноста на Косово. Тоа беше дел од некоја американска стратегија, која, сега се гледа, не го решава долгорочно проблемот. На пример, мене пријателите од Косово ми кажуваа дека прво биле весели, а кога требало да го изградат автопатот Приштина -Тирана, тоа морало да го прават речиси скриено. Зашто, меѓународните политичари се параноидни и не сакат потесни врски меѓу Косово и Албанија. Значи, тоа е цената која ја плаќаш ако премногу зависиш од добрата волја на големите сили. Затоа мислам дека ситуацијата на Косово и во БиХ уште не е решена. Добро, краткорочно, таа е сепак стабилизирана. Подобро тоа отколку војна. Но, во Босна и на Косово, се гледа, како што се плашам, дека немаме долгорочни формули“, заклучува Славој Жижек.

Автор: Мустафа Цанка/ Жана Ацеска

Редактор: Александра Трајковска