1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Многу „контра“ малку „за“ во македонската политика

Катерина Блажевска19 мај 2015

Социолозите денес немаат „дијагноза“ за македонскиот феномен на постојано контрирање, но дел од нив се уверени дека контра-протестите и контра-камповите се израз на примитивна култура.

https://p.dw.com/p/1FSj2
Фотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Почна со контра-протести, продолжи со контра-пленуми, кулминира со контра-кампови. По завршувањето на провладиниот митинг „Македонија силна“, ноќеска никна протестен камп и спроти Собранието. Припадници на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, кои го подигнаа кампот и се негови главни „жители“, велат дека тоа го прават за да и дадат поддршка на власта. Заседнати под сенките во паркот, ги објаснуваат мотивите за ваквата одлука.
„По вчерашниот митинг на „Коалицијата за подобра Македонија“ ние младите од партијата решивме, да останеме тука и да им дадеме поддршка на сите проекти, на сите работи позитивни работи кои се случија во изминатиот период. Митингот заврши, но одбраната на демократијата мора да продолжи. Решивме да дадеме силна поддршка за нови странски инвестиции и за нови работни места и да им кажеме 'не' на црните сценарија на опозицијата за дестабилизација на државата“, вели еден од активистите на УМС.
И во едниот и во другиот камп најавуваат дека ќе останат до крај: едните додека премиерот Груевски не даде оставка, а другите додека не престане деструктивната политика на опозицијата.

Mazedonien Proteste gegen Ministerpräsident Nikola Gruevski
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

„Кој ќе издржи подолго?“ стои прашање на една од паролите. Никој не се осмелува да го напише одговорот.

Пропуштени можности

На дистанца од еден километар, Скопје сега има два протестни кампа. Еден антивладин спроти Владата, и еден провладин спроти Собранието. Ги прашавме аналитичарите, кон што води политиката со предзнак „контра“, особено во време на длабока криза, кога е уште понагласена потребата да се најде точка на помирување, а не на натамошно разединување, поделби, тензии и „контрирање“?

Мислам дека контра-протестите и контра-камповите се крајно штетни и дополнително го оптоваруваат процесот на изнаоѓање разврска, вели аналитичарот Ибрахим Мехмети.

„Всушност, преку контра-протестите и контра-камповите власта се обидува да го избегне отчетот кој го очекуваат граѓаните. Сите видовме дека во неделата десетици илјади граѓани отидоа пред Владата за да бараат одговори на прашањата кои се отворија како резултат на објавените телефонски разговори, кои открија редица злоупотреби од страна на власта, вклучувајќи и обид да се прикрие убиство. Наместо да се појави пред граѓаните, власта се затскри зад контра-протести, со што најави дека е подготвена и на продлабочување на политичката криза, се со цел да ја избегне одговорноста“, констатира Мехмети.

Тој смета дека Владата ја испушти можноста да биде вистински претставник на сите граѓани и отворено да се соочи со нивните барања, имајќи предвид дека неделните граѓански протести беа мултиетнички.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Наместо тоа, таа ги стави тесно партиските интереси над државните и пристапи кон партиски контра-протести со што испрати многу лоша порака за мултиетничките односи кои се најсилниот гарант за просперитетот на Македонија. И покрај оваа лоша претстава на власта, самиот факт што првпат од независноста на Македонија граѓаните од различни етнички заедници застанаа на иста страна во нивните барања, говори дека граѓаните созреале повеќе од политичките елити и се надевам дека ваквите негативни појави како што се контра-протестите наскоро ќе исчезнат“, уверен е Мехмети.

Израз на примитивна култура

Иако Македонија веќе неколку години е „прославена“ како ендемски пример на земја во која власта протестира против опозицијата, таа „титула“ која во повеќе наврати наиде на потсмев во соседството, не ги одврати властите од таквите практики.

Социолозите денес немаат „дијагноза“ за овој македонски феномен. Метафорички кажано, контра-протестите и контра-камповите, не се ништо друго, освен израз на примитивна култура, вели социологот Илија Ацески.

„Нашите елити постојано се повикуваат на народот. Во смисла, 'ова што ние политичарите го го говориме, ќе го потврдат овие луѓе или овој народ што стои пред нас'. Од истите позиции, тие мобилизираат луѓе да сторат нешто во прилог на нивната политика. Во ова модерно време, кога за промоција на идеите и ставовите политичарите имаат на располагање многу современи алатки и инструменти, да се пристапи кон формирање контра-кампови е несфатлив и примитивен начин за манифестирање на политиките“, смета Ацески.

Никој не може да процени кога во Македонија ќе заживее политика која ќе се залага „за“ нешто, а не „против“ нешто и некого. Но, сите се уверени дека за да се дојде до тоа ниво, потребни се многу темелни општествени промени и нови стандарди и во политиката и во културата.

И во Струмица на улица

Историјата на протестното кампување во независна Македонија датира од јануари 1997 година, кога студентите и средношколците протестираа низ улиците во Скопје против предлог-законот за употреба на албанскиот јазик на Педагошката академија, што го подготви тогашната министерка за образование на СДСМ, Софија Тодорова. По долгите маршеви низ улиците на Скопје, решија да подигнат шаторска населба во паркот спроти Собранието. Меѓу најпознатите претставници на таа генерација, а кои по завршувањето на протестите се вклучија во политиката, се Антонио Милошоски и Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.

Но, Скопје не е единствениот град со протестни кампови. Камп утрово никна и во Струмица. Околу педесетина граѓани и членови на ВМРО- ДПМНЕ, поставија шатори во малиот парк спроти општинското собрание. Бараат оставка од градоначалникот, Зоран Заев, откако минатата недела на Јутјуб се појави видео кое сведочи дека Заев наводно изнудува поткуп од струмички бизнисмен. Велат дека причина за подигање на кампот е тоа што барањето на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за свикување на вонредна седница на која ќе се расправа на таа тема, е одбиено од мнозинството. Се додека не се исполнат нивните барања, тие ќе кампуваат пред зградата на општина Струмица.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема