1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Автомобили и мобилност

Митови за ограничена брзина на германските автопатишта

Марко Милер
23 октомври 2021

Речиси без исклучок со доаѓањето на секоја нова влада на маса се враќа вечната тема – воведување на општо ограничување на брзина на германските автопатишта. Земјата е длабоко поделена по ова прашање. Чаре?

https://p.dw.com/p/41Hhl
Deutschland l Geschwindigkeitsbegrenzung - Autobahn, Schild zur Höchstgeschwindigkeit von 130
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Becker

 „Ќе се воведе генерално ограничување на брзината на германските автопатишта“ или „Нема да има генерално ограничување на брзината на германските автопатишта“ - една од овие две реченици и официјално ќе биде објавена во следниве месеци. Во моментов партиите во новоизбраниот германски Бундестаг преговараат кој ќе може да спроведе дел од своите заложби и барања.

Ограничувањето на брзината е контроверзна тема. Професор Штефан Брацел, директор на Центарот за автомото менаџмент во Бергиш Гладбах, смета дека темата за ограничувањето на брзината во Германија има иста тежина како дебатата за право на поседување оружје во САД. И двете засегаат многу луѓе и - и двете дебати се водат со голема доза емоции.

Како и покраините, така и партиите се длабоко поделени по ова прашање. ЦДУ и ЦСУ, ФДП и АфД се против воведување на ограничување на брзина на германските автопатишта, СПД, Зелените и Левица се ЗА.

Ќе се воведе ли ограничување на брзината? Засега е неизвесно. СПД и Зелените, двете партии кои се залагаат за ограничување, веќе еднаш заедно ја водеа земјата од 1998. до 2005. Но не донесоа одлука за ограничена брзина на автопатиштата. Тогаш и СПД беше против вакво нешто. Канцеларот Герхард Шредер од СПД дури доби и прекар – „автоканцелар“. Со него ограничување на брзината при возење не поминуваше. Со сегашната СПД, би поминало.

Само во Германија нема ограничување на брзина?

Често се слушаат изјави дека Германија е единствената земја во светот во која нема задолжително ограничена брзина на автопат. Но, тоа не е точно. Ограничување на брзина за возење нема ниту во Авганистан, Бутан, Бурунди, Хаити, Мавританија, Мјанмар, Непал, Северна Кореја, Вануату, како и во делови на Индија. Па сепак, и покрај тоа што во овие земји исто така нема ограничување на брзина, ниту една од нив не може да се спореди со Германија. Во голем дел од нив има застарени патни мрежи кои ниту од далеку не може да се споредат со квалитетот на германските автопатишта. Германија, во основа е единствената западна индустриска земја во која нема општо ограничување на брзината на автопатиштата, но сепак на 30% од германските автопати има поставено одредено ограничување на брзината, а кај 10% има ограничување на брзината во зависност од временските услови и сообраќајот.

#DE_facto: (Не)совршените автопатишта во Германија

Исто така, често се слушаат заклучоци од типот дека Германија е единствената земја во Европа во која нема генерално ограничување на брзината. Во глобала е точно, но не и ако погледнете детално. Меѓу Англија и Шкотска има мало островче кое не е дел ниту од ЕУ ниту од Велика Британија, но е под контрола на Британското кралство. Во 2006, над 80.000 жители на островот со мнозинство отфрлија воведување на ограничување на брзината при возење. Но, патната мрежа од 800 километри на островот не е толку добро развиена, така што секако не ве мами да стиснете на гас.

Поголема безбедност на патиштата со ограничување на брзината?

Заговорниците за воведување ограничена брзина велат дека со тоа ќе се намали бројот на повредени и загинати при сообраќајни незгоди. Според статистиката, во Германија во 2002. година имало 264.000 незгоди со повредени, од кои 15.000 се случиле на автопатиштата. Помалку од шест проценти од сите сообраќајки во кои имало повредени исто така се случиле на автопат, но затоа пак скоро 12% од околу 2700 сообраќајни несреќи во кои имало загинати биле на автопат. Или за полесно да се разбере, на 1000 сообраќајќи во кои има настрадани, во населени места во просек загинале 4 лица, на автопат 21, а на селски патишта 24. Сепак овие бројки не го земаат предвид факторот колку километри годишно се поминуваат на кој тип на патишта. Ако го пресметате и овој параметар, според германскиот автомобилски сојуз АДАЦ на една милијарда извозени километри на автопатиштата гинат по 1,5 лица, додека на помалите патишта (споредено со селските) по 4,7 лица.

Иако на автопатиштата е дозволено возење со поголема брзина споредено со помалите патишта и селските улици, бројот на незгоди, повредени и загинати е помал. Веројатно со воведување на ограничување на брзината овој број дополнително ќе се намали. АДАЦ вели дека не може да се утврди поврзаност меѓу општо ограничување на брзината со степенот на безбедност на автопатите, споредено на меѓународно ниво. Земји во кои има ограничена брзина за возење, како Белгија, Франција и САД, немаат подобри статистики од Германија.

Помала емисија на ЦО2 со ограничена брзина?

Пред сѐ поборниците за заштита на климата се залагаат за воведување на општо ограничување на брзината на германските автопатишта, со цел да се намали емисијата на ЦО2. Според германската Агенција за животна средина во Германија во 2018. година се испуштиле 860 милиони тони ЦО2, од кои 158 милиони тони се од сообраќајот на германските патишта.

Autobahn A3 Geschwindigkeitsbegrenzung 120 Stundenkilometer
Автопатот А3 кај Франкфурт - делумно ограничување на брзинатаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Stein

Според пресметките на Агенцијата, со воведување на општо ограничување на брзината на 130 километри на час на сите германски автопатишта може да се намали емисијата на ЦО2 за два милиони тони. Наместо сегашните 860, со воведување на ограничувањето би се испуштале 858 милиони ЦО2. Тоа секако би било подобрување, но речиси незначајно.

Чаре?

Се разменуваат различните аргументи, а земјата е длабоко поделена по ова прашање. Моќниот германски Сојуз на возачи, со околу 21 милион членови, долго време водеше кампања против воведување на ограничувањето на брзината, но во моментов од кај нив нема никакви препораки во однос на дебатата. Во последниве децении поголемиот дел од членовите беа против, но сега околу 50% се „за“, а 45% против. Останатиот дел се неодлучни или не одговориле на ова прашање.

Професор Штефан Брацел, директор на Центарот за автомото менаџмент во Бергиш Гладбах, за ДВ вели дека со зголемување на бројот на електровозила во Германија веројатно ќе престане да се дебатира на оваа темаа. „Возачите на електровозила возат најмногу 120 до 130 километри на час, не повеќе. Во спротивно значително ќе се намали досегот на батеријата“, појаснува тој. Вака погледнато, темава можеби ќе се реши сама од себе со тек на времето.